Во септември 2020 година, продолжи трендот на намалување на просечната каматна стапка на вкупните кредити која што оствари месечен и годишен пад од 0,03 процентни поени и 0,39 процетни поени и изнесува 4,70 отсто, покажуваат новите податоци на Народната банка.
Просечната каматна стапка на вкупните депозити забележа минимално месечно намалување од 0,01 процентни поени и изнесува 0,98 отсто, додека на годишна основа оваа каматна стапка оствари пад од 0,38 процетни поени.
„Во септември, просечната каматна стапка на вкупните кредити одобрени на корпоративниот сектор изнесува 3,80 отстo, што претставува месечен пад од 0,05 процентни поени. Притоа, намалувањето кај оваа каматна стапка произлегува од падот кај сите компоненти односно каматните стапки на денарските кредити со валутна клаузула , каматните стапки на кредитите во странска валута и каматните стапки на денарските кредити без валутна клаузула. Во однос на септември 2019 година, просечната каматна стапка на вкупните кредити на корпоративниот сектор е пониска за 0,52 процентни поени“, соопшти Народната банка.
Каматната стапка на вкупните кредити на домаќинствата, во септември, се сведе на ниво од 5,53 отсто и во однос на претходниот месец се намали за 0,02 процентни поени.
„Промената е резултат на намалувањето на каматните стапки на денарските кредити со валутна клаузула, како и на каматните стапки на денарските кредити без валутна клаузула и каматните стапки на кредитите во странска валута. Во однос на истиот месец минатата година, оваа каматна стапка оствари пад од 0,28 процентни поени“, информираат од Народната банка.