Штип, 22 февруари 2020 (МИА) – Голем е одзив на граѓаните на Пробиштип по повикот за субвенционирање на инвертер клима уреди. Марија Митева вработена во кабинетот на градоначалникот на Општина Пробиштип вели дека на јавниот повик за субвенцинирање во општината барања доставиле 110 граѓани.
Оваа година од општинскиот буџет имаат издвоено средства за вкупно 100 домаќинства кои печките на дрва ќе ги заменат во инвертер клими, а Комисијата веќе оди на терен за да утврди кои од граѓаните ги исполнуваат условите за да земат субвенции од 10.000 денари. Изборот се прави врз основа кој прв се пријавил, тој ќе добие субвенција.
Градоначалникот на Општина Пробиштип, Драган Анастасов вели дека целта е да се стимулираат граѓаните за користење на обновливи извори на енергија за затоплување на своите домови, кои минимално ги загадуваат воздухот и почвата и не влијаат врз климатските промени.
-Со субвенцинирањето ќе им се обезбеди поврат на дел од потрошените средства, односно во висина од 10.000 денари за клима уреди – инвертер купени во тековната година па до денот на завршување на јавниот повик, односно се до исцрпување на буџетот наменет за таа намена, вели Атанасов.
Општина Пробиштип е втората општина во источниот регион, која воведува субвенцинирање на инвертер клима уреди за граѓаните. вдј/бк/