Утрински Весник
Македонија

Прилеп и „Ипринт“ ќе донираат заштитни штитови за лице

Прилеп и „Ипринт“ ќе донираат заштитни штитови за лице

Прилеп, 24 март 2020 (МИА) – Во Прилеп почнува изработката на штитови за лице, кои првично ќе бидат наменети за заштита на здравствените работници. Оваа е најновата акција за заштита откако пред неколку денови неколку конфекции ја почнаа изработката на заштитни маски.

Градските власти ја поддржаа иницијативата на прилепската компанија „Ипринт“ која почна да ги изработува штитовите за лице. Се формира и „3Д пункт“. Прилепскиот градоначалник Илија Јованоски вели дека денеска штитовите ќе им се распределуваат на здравствените работници.

– Станува збор за заштитен штит за лице, дело на компанијата „Ипринт“ од нашиов град. Ќе започнеме со распределба на штитовите за лице на медицинскиот персонал, кој е најмногу изложен на ризик од инфекција со коронавирусот. Штитовите за лице се ставаат над заштитната маска, за заштитата да биде поголема од кивање, кашлање и капличната инфекција која се јавува. Во Прилеп има сѐ повеќе вакви компании кои ќе се вклучат во производството на овие заштитни штитови. Формиравме таканаречен „3Д пункт“, каде нашите сограѓани кои поседуваат 3Д принтери може да се јават, за што побрзо да направиме повеќе вакви штитови за лице, зашто се неопходни во овој момент, изјави Јованоски.

Денеска шеесетина штитови ќе ѝ бидат дадени на градската болница „Борка Талески“. Деновиве вакви штитови ќе добие целиот медицински персонал во болницата, по што заштитни штитови ќе им бидат донирани и на матичните лекари и на стоматолозите.

Прилепчанецот Зоран Дамчески кој неколку години работи со 3Д принтер, вели дека бил трогнат и инспириран од примерот на ентузијастите во Италија, кои преку изработка на вентил за респираторните машини му помогнале на медицинскиот персонал да спаси што повеќе животи во борбата со коронавирусот. Тоа за него било основниот мотив да започне со печатењето и со изработката на штитниците за лице.

Дамчески истакнува дека градоначалникот Илија Јованоски веднаш ја препознал иницијативата и понудил помош во правец на изнаоѓање начини да се забрза процесот и да се зголеми дневниот број на изработени штитници за лице, бидејќи брзината на 3Д принтерите е мала.

– Под покровителство на општина Прилеп, направивме „3Д пункт“ на социјалната мрежа Фејсбук за да се приклучат сите оние од градот кои поседуваат 3Д принтер и да ја помогнат оваа акција и да се забрза изработката зашто поединечно брзината на 3Д принтерите е мала. Така побрзо може да се обезбедат бесплатни штитници за лице за медицинскиот персонал, а потоа и за сите други работници кои се најизложени на заразни болести, како што е коронавирусот, вели Дамчески.

На инцијативата за изработка на штитниците која ја започнале Дамчески и неговиот син, досега се приклучиле и претставници од фирмите „Резонатор“ и „Графика Дизајн“. Дамчески се оградува од сите оние кои на социјалните мрежи, во негово име, бараат донации за изработка на 3Д штитниците за лице. ем/аа/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

СЕОУГС Васил Антевски Дрен, Скопје – лауреат за Европската награда за иновативна настава (EITA) за 2024 година

НИ СЛЕДУВААТ УМЕРЕНИ ДО ЈАКИ МРАЗЕВИ: Температурите ќе се спуштат дури и под -10 степени!

(Видео) Подкаст Зрак со д-р Марина оваа недела посветен на борбата со ракот на дојка