Утрински Весник
Македонија

Прилепските средни стручни училишта денес ги отворија вратите за идните средношколци

Прилепските средни стручни училишта денес ги отворија вратите за идните средношколци

Прилепските средни стручни училишта денес ги отворија вратите за идните средношколци, со цел нивно запознавање со придобивките и можностите кои ги нуди стручното образование. Активностите се дел од кампањата „Учи паметно, работи стручно“ на Министерството за образование и наука која се спроведува со поддршка на Швајцарската амбасада во Скопје и преку која во рамки на првата фаза се водеше интензивен дијалог со општините и компаниите за дефинирање на потребите од отворање на нови образовни профили и паралелки согласно состојбите на пазарот на трудот на локално ниво, информираат од надлежното министерство.

„Ѓорче Петров“, „Орде Чопела“, „Ристе Ристески – Ричко“ и „Кузман Јосифовски – Питу“ согласно конкурсот за упис во средно образование во учебната 2021/2022 година имаат на располагање вкупно 1059 слободни места со кои треба да се оформат 33 паралелки. Учениците можат да одберат една од понудените струки – машинска, електротехничка, сообраќајна, графичка струка, економско – правна и трговска струка, лични услуги, здравствена, хемиско – технолошка струка, градежно – геодетска, земјоделско – ветеринарна, геолошко – рударска и металуршка струка, шумарско – дрвопреработувачка струка и текстилно – кожарска струка“, стои во дописот од министерството.

Во поголемиот дел од струките, објаснуваат од таму, е воведен концептот на дуално образование, кој се спроведува во партнерство на училиштата со локални компании и кој подразбира повеќе практична настава за учениците директно на работно место, а помалку изучување теорија, што пак, овозможува стекнување на квалитетни и потребни вештини за обезбедување на соодветен работен ангажман веднаш по формализација на средното образование, но и добра основа за понатамошна високообразовна надградба.

Како дополнителна стимулација за идните средношколци да го одбираат стручното образование, покрај воведувањето на концептот на дуално образование кој е доста интересен за младите, од оваа година МОН ја менува и политиката за стипендирање на средношколците.

Имено, сите ученици кои ќе се запишат во средно стручно училиште имаат можност да аплицираат за стипендија и тоа во вредност од 3500 денари за 9 месеци во годината, доколку ученикот е дел од дуална паралелка, односно 2200 денари за 9 месеци во годината, доколку ученикот е запишан во струка која е дефицитарна, како угостителско – туристичка струка, машинска, електротехничка и други дефинирани со конкурсот кој ќе биде објавен вообичаено во третиот квартал од календарската година, информира МОН.

Можете да прочитате

„Ако е болна на носилки во полиција“ – тензична полициска акција во Демир Хисар

Утре презентација на повеќе едукативно-превентивни кампањи во Охрид

Александар Саша Димитријевиќ се ожени – свадба со партиски врв во „Риас“