Утрински Весник
Култура

„Приказна за безбојното мече“ освои прва награда на стрип фестивалот во Ваљево

„Приказна за безбојното мече“ освои прва награда на стрип фестивалот во Ваљево

На меѓународниот конкурс во рамки на стрип фестивалот во Ваљево, Србија, Александар Стеванов и Катерина Николовска-Тери од Штип ја освоија првата награда за стрипот „Приказна за безбојното мече”. За истиот стрип, авторите само неколку месеци претходно го освоија третото место на конкурсот во рамки на Меѓународниот стрип центар во Велес.

За најдобра ликовност, врачено му е признание на Ѓорѓи Антевски од Куманово за стрипот „Катарза”. Признание за најдобар млад автор освои Ангела Петрушевска од Скопје, за стрипот „Приказна за животот и смртта”. Додека пак, специјална пофалница за педагошка дејност е доделена на здружението Стрип центар на Македонија од Велес.

Жирито во состав Зоран Стефановиќ, управител на Центарот за уметност на стрипот, Дејан Богојевиќ, мултимедијален уметник, и Ана Новаковиќ, историчарка на уметност, одлучуваа во конкуренција на стотина автори од Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Бугарија, Уругвај и Канада.

Како што известуваат организаторите од „Арт група Акт”, годинава гран-прито на Ваљевскиот стрип фестивал му е доделено на Душан Рељиќ. Второнаградени на конкурсот се Стефан Круниќ и Вукашин Митровиќ, а третото место е доделено на Марко Стојановиќ и Марко Серафимовиќ. Душан Вукојев е добитник на наградата за најдобро раскажување, Невена Марковиќ за најдобар цртеж, а Миодраг Кулиќ е прогласен за најдобар во категоријата сатира.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“