На 25 мај 2022 од 12:30 часот во Уметничка галерија Безистен – Штип ќе биде отворена изложбата „Пресоздавање“ од авторот Слободан Милошески. Изложбата е составена од 14 скулпторски дела од галериски формат, создадени со примена на техника на заварување на метал. Штипската публика изложбата ќе може да ја посети до 31 мај.
„Во контекст на севкупната инфраструктура на креација на уметничкото дело, Слободан Милошески спроведува третман што резултира со преобликување на металот или со неповратно додавање, како што се лемењето или заварувањето, за да ги обезбеди и профилира скршените сегменти на скулптурата кои патем ги третира со голема претпазливост и внимание. Во крајна инстанца, тоа значи одржување стабилитет на скулптурата и доловување на саканите визуелни ефекти кои, исто така, се важен сегмент во творештвото на авторот. Според тоа, овие визуелни ефекти првенствено се врзуваат со имплементирањето на минималистичкиот концепт кој доминира во последните фази на авторот, со евидентна порака дека овој приод овозможува проширување на апстрактните идеи во свој сопствен реалитет, а не да биде миметичка претстава на реалноста. Клучните елементи на уметничкото дело, просторот и волуменот, ја наоѓаат својата рамнотежа и динамика во постојаната игра на наизменични тенки, едноставни форми, лансирани во вселената со сета тежина на тешко моделираниот метал.
Обликувањето на скулптурите претставени на оваа изложба се чини дека е направено на едноставен начин и со леснотија, додека, од друга страна, е видлив капацитетот на авторот да ги примени своите специфични вештини во создавањето на хармонично комбинирани површини направени од метални елементи и конструкции. Тие во својата завршница продуцираат уметнички дела кои ѝ даваат значење на идејата за пречекорување на границите на искуството, за когнитивното во полето на металната уметност, а на тој начин го отвораат и патот за самиот чин на автосознание.“ – вели историчарот на уметност проф. д-р. Џемил Бектовиќ во својата критика по повод оваа изложба.
Слободан Молошески е роден во Охрид во 1977 година. Тој дипломира на Факултетот за физичка култура во Скопје во 2001 година. Во 2009 година дипломира на
Факултетот за ликовни уметности во Скопје на вајарски оддел, а магистрира на истиот факултет во 2011 година. Во 2018 година докторира на Национална уметничка академија во Софија, Р.Бугарија, на катедра „Скулптура“.
До сега има реализирано 27 самостојни изложби , а учествувал на повеќе од 80 групни изложби во земјава и странство. Добитник е на 16 награди и признанија, од кои најзначајни се наградата за скулптура „Јордан Грабул“ доделена од Друштво на ликовни уметници на Македонија во 2012 и 2015 година, наградата за скулптура мал формат „Димо Тодоровски“ доделена од ДЛУМ во 2014 година , Награда за скулптура доделена од ДЛУМ во 2020 година , нагадата за современа скулптура „Боро Митриќески“ доделена во 2021 година. и наградата „Адем Кастрати“ доделена од КИЦ во 2021 година.
Во неговата биографија се забележливи реализираните скулптури во јавен простор меѓу кои: Скулптураи на Живо Чинко, Ристо Шишков, Кузман Шапкарев, Јоаким Крчоски, Спомен облежјето на Првото заседание на АСНОМ, Скулптура на Муза наменета за фасада на објектот „Стар театар“, скулптури наменети за фасадата на објектот на МНР, како и скулптура поставена на Интернационалниот Балкански Универзитет во Скопје.
Авторот Милошески е член на ДЛУМ од 2009 година, а во моментот работи како вонреден професор на Ликовната академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
Текстот „Пресоздавање“ – Изложба на скулптури на Слободан Милошески во Уметничката галерија Безистен – Штип е превземен од МАКФАКС.