Денеска и утре (5 и 6 март), со почеток од 20 часот во МКЦ ќе се одржи премиера и втора изведба на „Одлука“ – театарска претстава во режија на Хана Миленковска.
„Одлука“ е уметничко истражување за носењето одлуки, со оглед на тоа што секојдневно сме соочени со низа избори кои мора да ги направиме, некогаш мали и бенигни, а некогаш непријатни.
Коавтори и актери во проектот се Мартин Ѓоргоски и Чедомир Митевски. Продуцент е Дино Чупевски. Графичкиот дизајн е на Матеја Николиќ, а логистичката поддршка на КСП – Центар Јадро.
Авторите во ова дело образложија дека тргнувајќи од себе, решиле од различни агли да ги набљудуваат сопствените ограничувања, начините на кои сме условувани да размислуваме, препреките што самите си ги создаваме.
„Да се создаде чисто гледливо парче театар без никаков материјален влог освен нашето време, здравје и волја, се покажа како поголем предизвик од очекуваното. За среќа налетавме на одлични сојузници по пат. Тргнавме од тоа дека ќе ги анализираме одлуките што сме ги донеле досега, како поединци, но и како општество, па можеби ќе разбереме што отсега. Не сме сигурни што разбравме, но знаеме дека ни е важно тоа што го направивме. Не сме убедени во исходот, но важно ни е некој ова да го види и чуе“, велат авторите.
Стручни соработници на претставата се Дамјан Дуковски, Владимир Лукаш, Евгенија Здравевска, Владимир Димовски, Калија Киселички, Драган Теодосиев, Јоана Ристевска
Билетите се достапни на билетарница и онлајн преку bileti.mkc.mk
Текстот Премиера на театарска претстава „Одлука“ во режија на Хана Миленковска е превземен од МАКФАКС.