Скопје, 13 февруари 2020 (МИА) – Предлог-законот за јавно обвинителство и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Советот на јавни обвинители, по скратена постапка, вчера поминаа во собраниската Комисија за европски прашања. Членовите на Комисијата одлучија да ги проследат во натамошна постапка, односно да одат на пленарна седница. Сè уште не е познато кога ќе се одржи седницата, а како што најави претходно собранискиот спикер Талат Џафери, Собранието треба да се распушти најдоцна на 16 февруари, со цел предвремените избори да се одржат на договорениот датум, 12 април.
Министерката за правда Рената Дескоска, образложувајќи го Предлог-законот за Советот за јавни обвинители, рече дека никој не треба да има дилема дека членот 110 се однесува на материјалите од прислушуваните разговори што се преземени од Специјалното јавно обвинителство.
– Целиот член буквално зборува за предмети што се почнати до 30 јуни 2017 и предмети што се по 30 јуни и тука прави разлика во употребата на доказите и потоа зборува натаму за материјалите како ќе се постапува со нив, рече Дескоска.
Единствената заложба, како што посочи, која се правеше во текот на пишување на законот за ЈО, а особено во текот на преговорите со пратеничките групи во Собранието за обезбедување консензус беше законот да не содржи амнестија за никого.
– Ова не е закон за амнестија, ова е закон за создавање ефикасни механизми за борење против криминалот и корупцијата. Неселективно, без оглед од кого потекнува. Жал ми е што вие не се приклучивте во таа борба, рече Дескоска.
Додаде дека цело време биле соочени со опструкција од ВМРО-ДПМНЕ во процесот на донесување на законот.
– И сега кога сме пред финалето на носење на овој закон, соочени со текстот кој обезбедува продолжување на сите постапки, гледаме дека паниката во вашите редови е многу поголема. Од тие причини очекувам сите пратеници да го поддржат законот кој е предложен, законот за ЈО, а во пакет со него и законот за измени и дополнување на Законот за Совет на јавни обвинители, со оглед на тоа што овој закон претставува продолжување на она што е зацртано во законот за ЈО. Она што го имаме регулирано во двотретинскиот закон, во овој закон кој не се носи со двотретинско мнозинство се прецизираат постапките, рече Дескоска.
Министерката за правда информира дека се заоструваат критериумите за тоа кој може да биде член на Советот на јавни обвинители, се утврдува процедурата за избор на членовите на Советот на јавни обвинители од самите јавни обвинители, но и од Собранието.
– Тука се дадени посебни процедури со цел да се оневозможат какви било злоупотреби во процесот на гласање. Ова се одредби кои ги правевме пандан на одредбите во Законот за Судскиот совет, така што тие два закона во тој дел се комплементарни, рече Дескоска.
Дадени се критериуми за изземање член на Советот на јавни обвинители бидејќи, како што рече Дескоска, имаше различни дилеми. Се дефинира терминот истакнат правник, односно се бара лицето кое ќе се кандидира за член на Советот од Собранието да биде дипломиран правник со најмалку 15 години работно искуство во правната професија, со положен правосуден испит и кое во вршењето на правната професија се истакнало со научна или професионална работа и со своето јавно дејствување. Се прецизира постапката за разрешување од функцијата член на Совет што досега, како што рече, не беше регулирано и имало еден вид правна празнина. Дадени се прецизни основи и прецизна постапка со цел да не се одолговлекува постапката и да се избегне процесот на разрешување.
– Значењето овој закон ќе го добие со она што значи комплементарност на законот за ЈО и ве повикувам да го поддржите, рече Дескоска.
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера изјави дека не гледа причина за натамошно учество на пратениците од партијата што ја предводи во Парламентот поради отстапувањето од политичкиот договор да биде распуштено Собранието. Мицкоски порача дека не треба да се отстапува од постигнатиот политички договор за термините за распуштање на Собранието и за избори.
Претседателот на Комисијата за европски прашања и пратеник од ДУИ Артан Груби вчера изјави дека во рекордно време оваа Комисија ја заврши расправата за Предлог-законот за јавно обвинителство и на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Советот на јавни обвинители, без прифатен ниту еден амандман.
– Двата закона веќе ги проследивме на пленарна седница и сега се во рацете на претседателот на Собранието Талат Џафери, кој откако ќе потврди дека имаме двотретинско мнозинство, кое јас верувам дека веќе го имаме ќе ја свика пленарната седница за да се изгласаат, рече Груби.
Апсолутно сите барања на ДУИ и на заедницата, како што дополни, се инкорпорирани во двата закона.
– Успеавме да воведеме Бадентер во изборот на сите јавни обвинители во обвинителството за гонење организран криминал и корупција, успеавме да ја вметнеме и целосната еднаква службена употреба на албанскиот јазик во Јавното обвинителство и Советот на јавни обвинители, согласно со одлуките пропишани во Законот за употреба на јазиците, како и намалување на критериумите за избор на јавни обвинители при што ќе се обезбеди правична застапеност и на Албанците и на другите етнички заедници во Јавното обвинителство, рече Груби.
Одговарајќи на новинарско прашање наведе дека смета оти веќе имаат двотретинско мнозинство со оглед на тоа како се одвивала дебатата на Комисијата за европски прашања и со оглед на тоа какво е расположението кај пратениците.
Пратеничката и координаторка на Форумот на жени на СДСМ Снежана Калеска-Ванчева вчера во Собранието изјави дека законот за ЈО е темел на реформите во правосудството, гарантира неселективна правда и не дозволува скриена амнестија.
– Усвојувањето на законот за јавно обвинителство значи и огромен придонес кон европската перспектива на државата и интегрирањето на нашите граѓани во европското семејство. Затоа ги повикувам сите пратеници, да бидат на висина на одговорноста и да се стават во функција на правната држава и овој закон зад кој застанаа и нашите меѓународни пријатели, ЕУ и САД да биде донесен со потребното мнозинство, рече Калеска-Ванчева.
Овие два закона, што се донесуваат по скратка постапка, вчера поминаа и на собраниската Законодавно-правна комисија. мд/ац/