Утрински Весник
Свет

Првпат пад на бројот на населението во Кина во последните 50 години

Првпат пад на бројот на населението во Кина во последните 50 години

Кина треба да го пријави првиот пад на населението во последните пет децении по објавените резултати од пописот, објави денеска британскиот весник „Фајненшл тајмс“ повикувајќи се на информирани извори.

Прашањето за населението е многу чувствително и податоците нема да бидат објавени сè додека кинеските владини агенции не постигнат консензус за податоците и нивните последици, додава ФТ.

„Ако Кина потврди таков пад, тоа ќе биде голема работа“, рече Џивеј Џанг, главен економист во „Пинпоин асет“ во Шенжен.

Тој вели дека врз основа на проекциите на Обединетите нации, кинеското население треба да го достигне својот врв во 2027 година, но, според него, тоа би можело да биде многу порано отколку што очекуваа пазарите и законодавците.

Кинеското национално биро за статистика, кое требаше да ги објави резултатите од пописот на почетокот на април, не го објасни одложувањето на објавувањето, но рече дека овој месец е потребна дополнителна подготвителна работа.

Кинеските државни медиуми во последните месеци известуваа дека бројот на населението може да почне да се намалува во следните неколку години.

Во 2016 година Кина ја укина повеќедецениската политика на едно дете со надеж дека ќе го зголеми бројот на бебиња заменувајќи ја таа мерка со политиката на две деца.

Во тоа време исто така беше поставена цел да се зголеми населението на речиси 1,42 милијарда до 2020 година, од 1,34 милијарда во 2010 година.

Сепак, стапката на наталитет продолжува да опаѓа.

Причината е што урбаните двојки, особено оние родени по 1990 година, повеќе ги ценат својата независност и кариера отколку да основаат семејство и покрај притисокот од родителите да имаат деца.

Можете да прочитате

Израел ги нападна Хутите во Јемен

Трамп најави дополнителни царини за секој што ќе соработува со „антиамериканскиот сојуз БРИКС“

Бројот на жртви од поплавите во Тексас достигна 70