Утрински Весник
Свет

Првиот човек на американската војска: Влогот е многу поголем од самата Украина

Првиот човек на американските вооружени сили, генералот Марк Мајли, во интервју за Си-Ен-Ен изјави дека поради руската инвазија на Украина, безбедноста на Европа е во најтешка позиција од крајот на Втората светска војна.

„Влогот во оваа војна е многу поголем од Украина. Она што е загрозено овде е безбедноста. Безбедноста на Европа е најмногу загрозена од крајот на Втората светска војна. Може да се тврди дека влогот е глобалниот меѓународен безбедносен поредок воспоставен во 1945 година. Меѓународен поредок кој траеше 78 години, кој спречи голема војна. Она што се провлекува низ целиот овој концепт е идејата дека големите нации нема да спроведуваат агресивни воени акции против помалите нации, а токму тоа се случи овде. Русија води агресивна воена акција против помала нација“, рече Мајли.

Според него, доколку Русија се извлече со агресијата против Украина без да ја плати цената, тогаш можеме да се збогуваме со меѓународниот поредок. Ако тоа се случи, предупреди Мајли, тогаш ние се движиме во насока на драстично зголемена нестабилност.

Тој додаде дека политиките на владите кои ја поддржуваат Украина вклучуваат визија за слободна и независна Украина и ослабена Русија.

„На крајот на денот, она што сакаме да го видиме, а тоа е политиката на сите сојузнички влади, е слободна и независна Украина, со недопрена територија и влада која преживеала. Мислам дека тоа ќе ја вклучи и ослабената Русија. “, рече Мајли.

„Единството на Западот и НАТО и единството на целиот свет никогаш не било посилно. Тоа е насоката по која одиме“, заклучи тој.

Можете да прочитате

Во Газа досега загинаа 232 новинари

Италијанските центри за мигранти во Албанија се скапи и неефикасни

Макрон: Ќе ја признаеме државата Палестина во септември