Утрински Весник
Култура

Прва голема изложба на илустрациите на доајенот Младен Туниќ на „Литера 2021“

Прва голема изложба на илустрациите на доајенот Младен Туниќ на „Литера 2021“

Третото издание на Фестивалот за литература и илустрација за деца „Литера 2021“ годинава ќе биде во ново руво и побогата содржина. Фестивалот ќе биде отворен на 3 јуни со голема изложба на доајенот на македонската илустрација за деца, Младен Туниќ.

Изложбата ќе се реализира во Чифте амам, благодарение на одличната соработка меѓу Националната галерија и фестивалот, а по ланската изложба на великанот Димитар Кондовски во „Мала станица“, настан кој публиката и критиката усогласено го прогласија за културен настан на 2020.

Изложбата ќе се состои од илустрации на Туниќ што ги создавал специјално за детски списанија, книги, но и романи за возрасни.

Младен Туниќ е роден во Призрен во 1930 година. На пет години неговото семејство се преселило во Скопје, каде тој го завршил основното образование во ОУ „Браќа Миладиновци“. Талентот за цртање од мал го одвел во средното Училиште за применета уметност, каде се запишал во 1945 година, на отсек сликарство. Тој им припаѓал на првите генерации ученици на ова училиште.

Неколку години по завршувањето на средното образование, почнал да работи во весникот „Нова Македонија“, како ликовен уредник – илустратор. Тој е еден од основачите на „Детска радост“, а бил одговорен ликовен уредник на сите детски списанија во издание на оваа издавачка куќа – Росица, Другарче, Развигор. Кога бил основан весникот „Вечер“ во 1963 година, Туниќ бил ликовен уредник. Тој е автор на логото на „Вечер“.

Освен што создал илустрации за деца, Туниќ има илустрирано и многу книги за возрасни. Учествувал на многу изложби во земјава и во странство.

Тој е еден од основачите на „Маџирмаалските средби“, кои и ден денешен се одржуваат. Починал во 1985 година во Скопје.

Освен изложбата на Туниќ, на 3-то издание на фестивалот ќе бидат организирани и тркалезни маси на теми поврзани со проблемите на издаваштвото за деца и илустрацијата. Фестивалот ќе трае до 31 октомври.

Наесен се планираат работилници во повеќе села низ Македонија, посети на писатели и запознавање со творештвото на автори и надвор од земјава.

Фестивалот и годинава го поддржуваат: Халк банка, Министерството за култура, Жито Пром, Печатница Софија и Маја вода.

Текстот Прва голема изложба на илустрациите на доајенот Младен Туниќ на „Литера 2021“ е превземен од МАКФАКС.

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“