Утрински Весник
Свет

По цели шест месеци Таџ Махал е повторно отворен за посетители

Една од најпознатите светски градби, Таџ Махал, денеска по цели шест месеци е повторно отворена за посетителите, а ова беше досега најдолгиот период во кој објектот бил затворен, додека бројот на заразени со коронавирусот во Индија продолжува да расте.

Мавзолејот беше затворен во март кога беа воведени карантински мерки во Индија, а сега ќе може да прими по само 5.000 посетители на ден со строги епидемиолошки мерки, пренесува Би-би-си.

Таџ Махал е една од најпопуларните туристички атракции во светот, а пред пандемијата дневно ја посетуваа и до 70 000 луѓе.

Целиот објект бил дезинфициран пред да се отворат неговите порти, а на посетителите ќе им биде мерена температура на влезот.

Билетите ќе се плаќаат со картички, а групното фотографирање е забрането поради почитување на физичката оддалеченост.

Мермерниот мавзолеј бил изграден во 17. век од владетелот Шах Џахан во чест на неговата покојна сопруга Мумтаз Махал.

Последен пат тој беше привремено затворен во 1978 година, кога градот Агра, во чија близина се наоѓа, бил погоден од поплава.

Објектот се смета за едно од седумте чуда на новиот свет.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Драма на аеродромот во Анталија, авион се запали – евакуирани 79 патници

Сибиха бара партнерите да и обезбедат на Украина системи за пресретнување на ракетите Орешник

Будистички манастир под истрага: 41 тело откриено во Тајланд