Утрински Весник
Култура

Почнува Фестивалот на комедијата „Гола месечина“

Почнува Фестивалот на комедијата „Гола месечина“

Од вечерва до 3 октомври ќе се одржува Фестивалот на комедијата „Гола месечина“, кој е во продукција и организација на НУ Театар Комедија, а под генерално покровителство на Општина Аеродром.

„Годинашново издание на Фестивалот е малку поинакво од досегашните. Пандемијата ни ги промени секојдневието и начинот на работа и функционирање, но не дозволивме да нè сопре во нашата цел – животот на театарот, животот на комедијата. Затоа сите заедно и солидарно смогнавме сили за да го одржиме нашиот традиционален фестивал. Долго размислувавме дали годинава да имаме гости од соседството, но сепак на крај одлучивме да им отстапиме максимален простор на македонските театарски работници и да го одбереме најдоброто“, велат организаторите на настанот.

Во текот на шесте фестивалски вечери публиката ќе може да гледа пет претстави од домашни продукции и еден стенд-ап настап. Влезот за публиката и годинава е бесплатен, со тоа што ќе може да се влезе само со приложување билет поради ограничениот број на седишта, а бесплатните билети ќе може да се подигнат од билетарницата на СЦ „Јане Сандански“ во Аеродром.

Фестивалот ќе се одржува под посебни протоколи за одржување настани на отворено, на сцена поставена на фудбалското игралиште покрај детската градинка „Сонце“ во Реонски центар – Аеродром.

Претставите започнуваат во 20 часот, а влезот за посетителите, кои ќе мора да носат заштитна маска, ќе биде отворен од 19 часот.

„И оваа година, во рамки на последната фестивалска вечер, ќе доделиме признанија и награди, меѓу кои и Наградата за животно дело „Анче Џамбазова“, којашто ја воведовме од минатата година. Се надеваме дека временските услови ќе ни излезат во пресрет и дека Фестивалот на комедијата и годинава ќе помине успешно и ќе внесе доза позитивност и смеа во нашето секојдневие и ќе го збогати културниот живот во Скопје“,  изјавија од управата на НУ Театар Комедија.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“