Велес, 24 јуни 2020 (МИА) – Општина Градско ги заврши подготвителните работи на трасата и почна со изградбата на канализациска мрежа во населбата „Стопанство“ во Градско. Средствата во висина од 4 милиони 437 илјади денари се обезбедени од Министерството за транспорт и врски преку Европската инвестициска банка.
Како што информира за МИА, Роберт Бешовски, градоначалник на Општина Градско, со овој проект населбата „Стопанство” во Градско по 70 години конечно ќе добива канализација. Во неа живеат околу 30 домаќинства со околу 200 жители главно Роми.
-Со овој значаен проект ќе се овозможи решавање на голем санитарен и хигиенско – здравствен проблем за овој дел од населба Градско, потенцира Бешовски.
Изведувач на градежните работи е ДООЕЛ „Турбоинжинеринг” од Скопје. Надзор над градежните работи ќе врши фирмата „Завод за испитување на материјали и развој на нови технологии” АД Скопје.
-Должината на канализациската мрежа, која се гради е 1550 метри, а се состои од повеќе канализациски краци од кои кракот К1 е главен крак и воедно транзитен крак преку кој отпадните води од населбта „Стопанство“ ќе се одведуваат до постоечката шахта од постоечки колектор.Останатите пет краци се водат низ уличките на населбата и непосредно и посредно ќе се приклучат на главниот К1 крак, појасни Бешовски.
Воедно информира дека во тек е и изработка на техничка документација за водоснабдување на Градско со која ќе се подобри водоснабдувањето во Градско.
-Се подготвува и нов бунар за вода кој во скоро време ќе биде пуштен во функција, рече Бешовски.
Тој појасни дека овој проектот вреден 220 илјади евра е од остатокот од средствата кои Министерството за транспорт и врски ги обезбеди од Европската инвестициска банка. ад/рп/