Дебар, 13 март 2020 (МИА) – Во рамки на редовните активности на Оперативниот штаб за заштита и спасување на општина Дебар, по појавата на коронавирусот и направената проценка, синоќа, беше извршена дезинфекција на населбата „Коњаре“, од каде се петте лица заразени од овој вирус.
– Оваа активност е реализирана благодарение на Територијалната противпожарна единица и Подрачните единица на Дирекцијата за заштита и спасување и онаа на Центарот за јавно здравје, кои ги обезбеди потребните средства, како и заштитната и друга опрема, информираа од Оперативниот штаб.
Од таму додаваат дека активноста ќе продолжи, а целта е да се изврши дезинфекција на јавните простори и локалните улици во градот.
Штабот упатува апел до сите граѓани да останат смирени, да се придржуваат кон препораките на институциите, да ги ограничуваат своите движења низ градот, да бидат кооперативни и да имаат разбирање.
Во исто време, од Штабот уверуваат дека институциите се на потребното ниво на подготвеност и оти ќе продолжат да преземаат активности и соодветни мерки.
– Ви благодарам на сите кои соработувате. Продолжуваме. Дебар го правиме ние самите, во добро и во несреќа заедно сме помоќни, напиша дебарскиот градоначалник Хекуран Дука на својот профил на Фејсбук. вт/сп/