Утрински Весник
Македонија

Почнаа градежните работи за нова градинка во Кочани

Почнаа градежните работи за нова градинка во Кочани

Кочани, 14 март 2019 (МИА) – Со расчистување на теренот и широк ископ на парцелата, денеска во Кочани почнаа градежните работи за нова детска градинка што ќе биде лоцирана во населбата Драчевик.

Претходно општинските служби ги завршија своите обврски за довод на водоводна, канализациска и електрична мрежа, како и за обезбедување сообраќаен пристап до градежната парцела.

– Новата градинка е во рамки на Проектот за подобрување на социјалните услуги што го реализира Министерството за труд и социјална политика со финансиска поддршка од Светска банка, а со цел да се зголемат капацитетите за сместување на деца од претшколска возраст. За изградбата на објектот Општината доби грант од околу еден милион евра, а имаше и сопствено учество во подготвителните работи. Капацитетот на градинката е проектиран за 110 деца и таа ќе се простира на две нивоа со вкупна површина од 995 квадратни метри. Се работи за современ, компактен објект од отворен тип, со можност за поширока комуникација меѓу децата и за поттикнување на нивната креативност, истакна Александар Јосифов, секретар на Општина Кочани.

Во состав на градинката ќе има шест занимални, а дополнително ќе се изгради и надворешно покриено игралиште на површина од илјада квадратни метри. Зградата ќе има најсовремена фотокаталитичка фасада што ќе дава ефект на 40 дрвца и ќе го прочистува воздухот во околината од смог и загадување.

По расчистувањето на теренот, механизацијата на изведувачот „ВИА инженеринг“ од Вевчани ќе продолжи со ископ на темелите. Според договорот, за изградба на градинката се предвидени 16 месеци. та/мс/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Владата повторно ќе му помогне на ЈСП ако не успее тендерот за нафта

Засилени контроли на патарините, казни од по 200 евра за неплаќачите

Стипендии за студенти на УКЛО од семејства со ниски приходи