Пехчево, 4 јуни 2020 (МИА) – Во Пехчево потпишан договорот за старт на работите од проектот со кој е предвидено партерно уредување со поставување на урбана опрема на пехчевските Црнодолски водопади.
По потпишувањето на договорот со пехчевскиот градоначалник Драган Тренчовски, директорката на Центарот за развој на Источно планскиот регион Драгица Здравева, истакна дека се работи за проект, кој е одобрен со одлука за финансирање на проекти за планските региони за 2020 година.
– Проектот е со вкупен буџет од шест милиони и 200 илјади денари од кои еден мал дел е кофинансирање од страна на општина Пехчево, а останатите средства се обезбедени од националниот буџет преку Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој, рече Здравева.
За градоначалникот Тренчовски станува збор за капитална инвестиција со кија ќе се збогати туристичката понуда во Пехчево.
– За нас ова ќе значи развој на туризмот, стопанска гранка во која го изминатиот период вложивме во пречистителна станица за отпадни воси во висина од 300 илјади евра. Веќе вложуваме во патната и комуналната инфраструктура и партерно уредување во овој договор што е потпишан за Црнодолските водопади, рече Тренчовски.
Посочи дека со овој проект ќе се понудат повеќе содржини за туристите.
– Во овој проект влегуваат многу содржини меѓу кои изградба на 10 дрвени мостови, 4 видиковци и летниковци со поставување на јрбана опрема, клупи и канти за отпадоци, платформа пред водопадот каде ќе имаат можност да се фотографираат самите туристи, што ќе значи дополнителен инпут за туризмот во нашата општина, додаде Тренчовски.
Од општината очекуваат дека фирмата изведувач КОП Инжинеринг во наредните денови ќе го воведе проектот во градба, што ќе означи и нов почеток за понатамошен развој на туристичката населба „Равна Река”. вс/фф/