Осомничениот дека бил посредник во убиството на познатата малтешка новинарка Дафне Каруана Галиција, Мелвин Теума кој се јавува и како сведок во судењето на бизнисменот Јорген Фенех, се обидел да изврши самоубиство, објави малтешката полиција.
Тој бил пронајден во неговата куќа со повреди од нож нанесени по вратот и телото во вторникот вечерта, а на полицијата и рекол дека самиот се повредил, пренесува бриселски „Политико“.
Ова се случи откако истиот ден тој сведочеше на суд во случајот со убиството на познатата новинарка, за чие убиство главен осомничен е бизнисменот Фенех.
Фенех беше уапсен во ноември 2019 година на неговата луксузна јахта, а тој самиот ги негираше обвинувањата.
Адвокатот на семејството на Каруана Галиција, изрази сомневање дека Теума се обидел да се самоубие, пренесува порталот „Малта тудеј“.
Тој на „Фејсбук“ запрашал како полицијата успеала толку брзо да утврди дека станува збор за обид за самоубиство.
Теума беше помилуван од претседателот на Малта минатата година во замена за сведочење во случајот на убиството на новинарката, и тој инаку се смета за посредник меѓу Фенех и тројцата мажи кои го извршиле убиството.