Утрински Весник
Економија

Поскапа акциза- помало „нужно зло“ за справување со последиците од Ковид-19

Petrol Stations 4978824 640

Од буџетот не може само да се зема, туку треба во него и да се става. Ова е суштината на иницијативата на бизнис заедницата до Владата за времено зголемување на цената на акцизата на нафтените деривати како една од мерките за одбрана на економијата од кризата предизвикана од пандемијата на коронавирусот.

Идејата на Стопанската комора предизвикува многу реакции, пред се во делот за зголемување на акцизата за два денара, или еден повеќе како што се размислува во Владата. Најгласна е опозицијата, но и дел од бизнис заедницата кои во предлогот препознаваат опасност за зголемување на трошоците, но и ценовни шокови кои ќе удрат врз грбот на граѓаните.

Нема простор за паника

Критиките се бројни, но дилемата е колку се и оправдани, посебно ако се знае дека предлогот се става на маса во период кога цената на нафтените деривати драстично се намали како последица на кризата. Но и во услови кога државите производители постигнаа договор за намалување на производството како чекор кон стабилизација но и пораст на цените.

Во очекување на владината одлука, која првично покажа расположение за прифаќање на мерката, дел од упатените не гледаат посебен простор за паника:

„Кај нас цените на нафтените деривати се најниски не само во регионот туку и во Европа. Акцизата е реална антикризна мерка во услови кога нема доволно средства за полнење на буџетот. Прашањето е дали ќе предизвика инфлаторна спирала. Јас велам нема шанси тоа да се случи. Зошто на пример кога поевтини цената на дизелот за 20 денари ниту еден производител не ги намали цените во државата, ниту пак транспортните компании не ги намалија трошоците. Затоа претпоставувам дека тоа ќе се донесе од страна на владата и ќе биде со одреден период и нема да биде вечно“, коментира за Дојче веле Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика.

Буџетот мора и да се полни!

Според пресметките на бизнис заедницата, зголемените акцизи на нафтените деривати, вклучително и на екстра лесното масло за домаќинство за кое се бара да се изедначи со она на дизелот,  ќе донесат во буџетот околу 46 милиони евра приходи. Првиот човек на Стопанската комора Бранко Азески предупредува дека сериозноста на состојбата налага и вакви мерки кои можеби не му се допаѓаат на дел од бизнисот но сепак се неопходни:

„Ги почитувам различните мислења и сметам дека само така ќе се дојде до прифатливо решение, но за тоа треба да има анализа. Ние рековме дека секој ќе има штета и тоа треба да се почитува и низ дијалог треба да се најдат мерки. Но не можеме сите да го атакуваме буџетот за да се спасуваме, а никој да не размислува како тој да се полни. Јас иницирав прашање кое беше поставено од член на економскиот совет, Владата е должна да ги направи анализите и треба да излезе со став. Во овој момент има огромен пад на цената на горивото и потрошувачката, а знаеме дека тоа е сериозна ставка во полнење на буџетот и ги знам последиците од тоа. Со покачувањето на акцизата директно ќе се влеат пари во буџетот, а не како што велат во фирмите. Кои се тие фирми што ќе ќарат од оваа работа, па слушам како викаат дека тоа биле фирми на олигарси. Кои се тие олигарси, луѓето што водат успешни фирми?“, изјави Азески синоќа во интервју за телевизија Телма.

Целиот текст може та го прочитате ТУКА.

Извор: dw.com

Можете да прочитате

УЈП: Преку „меки“ мерки и соработка кон подобрување на даночната усогласеност

Трет ден расправа за ребалансот на Буџетот

Постигнат е договор за откупната цена на црвената пиперка, првата класа за 40 денари по килограм