На броевите на мобилните телефони на сите жители на Португалија е испратена порака со предупредување за екстремно висок ризик од шумски пожари додека земјата се подготвува за третиот летен топлотен бран, пишува „Би-Би-Си“.
Земјата повторно е во состојба на готовност. Во наредните денови метеоролозите најавија температури до 38 Целзиусови степени и силен ветер.
Во исто време, владата го ограничи пристапот на жителите до шумите и забрани употреба на машини со цел да се избегнат искри кои можат да предизвикаат пожари.
Вонредната состојба стапува на сила во недела на полноќ и ќе трае до вторник.
Годинава во Португалија поради последиците од топлотните бранови и сушата, според владините проценки, веќе изгореа околу 92.000 хектари.
Во соседна Шпанија, шумскиот пожар што ја зафати источната провинција Валенсија излезе од контрола и стана еден од најголемите пожари во земјата оваа година.
Во петокот, додека пожарот беснееше во Валенсија веќе петти ден, таму беа испратени 35 авиони во обид да го локализираат и да го стават под контрола.
Оваа година Шпанија беше погодена од шумски пожари повеќе од која било друга европска земја, покажуваат податоците од програмата за набљудување на Земјата Коперник на Европската комисија.
Годинешните шумски пожари во Шпанија уништија четири пати повеќе површина отколку во текот на целата последна деценија.