Националната опера и балет ја продолжува традицијата воспоставена пред повеќе од 25 години и во вторник 12 и среда 13 јануари, со почеток во 20 часот, ќе го одржи гала концертот по повод празникот Василица.
Оваа година концертот носи наслов „Најголемите хитови“, односно, направен е избор од најдобрите хитови од досегашните василичарски концерти, со симфониски аранжмани.
Публиката ќе има можност да ужива во популарните светски и македонски хитови во изведба на оперски и поп солисти, придружувани од оркестарот на Националната опера и балет под диригентската палка на Бисера Чадловска.
Почитувајќи ја традицијата на нашиот народ да ја прославува т.н. Стара Нова Година, Националната опера и балет го востанови овој концерт во 1993 година и низ годините потоа, тој стана препознатлив, популарен и еден од најпосетените настани кај нас.
Настанот ќе се одржи според протоколите предвидени со моменталната состојба предизвикана од пандемијата Ковид-19 за одржување настани, одобрени од Комисијата за заразни болести. Задолжително е носење на заштитна маска.
Билети може да се набават на билетарницата на Национална опера и балет и онлајн.