Повеќе од 580 луѓе загинаа, а илјадници останаа без покрив над главата ширум Пакистан поради обилните дождови што ја зафатија земјата.
Се проценува дека повеќе од еден милион луѓе биле погодени од обилни врнежи, поплави и лизгање на земјиштето, откако во Пакистан во текот на три недели има повеќе од 60 отсто повеќе од обичните монсунски дождови.
Најпогодени се провинциите Балучистан, Хајбер Пахтунхва и Синд, а синоптичарите велат дека обилните дождови ќе паѓаат низ целата земја до петок. Над 40 луѓе загинаа во Карачи поради обилните врнежи од јули.
Околу 200 луѓе загинаа во Балучистан – најголемата и најсиромашната провинција во Пакистан – која е погодена од најголемите поплави во повеќе од 30 години. Оваа провинција добила 305 отсто повеќе дожд од годишниот просек.
Властите прогласија 18 од 26 окрузи на Балучистан за „погодени од катастрофи“. Луѓето беа принудени да ги напуштат своите домови бидејќи дождот и поплавите ги уништуваат посевите и добитокот низ покраината.
Стотици милји патишта се оштетени, што ги прави многу области недостапни за службите за итни случаи. Уништени се над 570 училишта, а пријавени се и нови случаи на колера.
Фармата на Мохамед Сафар во градот Лазбела во Белучистан е уништена поради поројните дождови. Едно утро морал да побегне со семејството и да бара високо место за да се спасат.
„Да дојдеше поплавата во друго време, можевме да загинеме. Го изгубив домот, посевите и сè друго во оваа поплава“, изјави тој за Гардијан.
Регионалниот премиер на Балучистан Кудос Безињо побара поголема поддршка од федералната влада и меѓународните донатори.
Џам Камал, поранешен регионален премиер и член на парламентот од Лазбела, вели дека има малку или воопшто нема владини ресурси на теренот.
„Не се направени подготовки за борба против поплавите и покрај предупредувањата на метеоролозите. Регионалната власт очајно потфрли. „Да немаше волонтери кои им помагаа на жртвите, многу повеќе луѓе ќе умреа од глад“, предупредува тој, пренесе Денес.рс.