Иако бројките на новозаразени на дневна основа од вирусот SARS-CoV-2 и на починати како резултат на болеста ковид-19 опаѓаат, сепак пандемијата е далеку од завршена и граѓаните треба да продолжат да ги почитуваат мерките за заштита, велат епидемиолозите. Споредено со останатите земји од Балканот, Северна Македонија бележи стагнација на развојот на болеста. Така на пример процентот на починати од 4,2 отсто во септември опадна на 3 отсто во последните денови од 2020 и почетокот на 2021 година. Но, ако се земе предвид стапката на починати на 100.000 жители, Македонија е сè уште блиску до врвот, веднаш зад Словенија.
Поранешниот директор на Центарот за јавно здравје, д-р Александар Стојанов, за Мета.мк вели дека тоа што е опаднат бројот на нови ковид-случаи и бројот на лица кои починале како последица на вирусот, не значи дека треба да се опуштиме, напротив, треба да продолжиме да внимаваме и да ги почитуваме мерките. Со него се согласува и микробиологот, д-р Никола Пановски, кој вели дека сега би било апсурдно ако граѓаните се опуштат.
Според последниот извештај, од вкупно направени 3.023 тестирања, има 520 новозаразени лица, што е 17 отсто.
„Во однос на бројките бележиме пад, и тоа за 30 отсто во споредба со она што го имавме претходно. За очекувањата на краток рок, да почекаме да помине периодот на инкубација од собирањата за нова година и собирањата во цркви за празнициве па ќе видиме кон крајот на јануари каква ќе биде состојбата. Сметам дека е многу рано за отпуштање на мерките кои се на сила. Следува празнувањето на Водици, треба многу да се внимава“, вели Стојанов.
Ако се спореди движењето на вкупниот број на заразени во земјите од Балканскиот полуостров, може да се забележи дека во Србија и Словенија тие сè уште растат со речиси истиот интензитет како претходно. Слична е ситуацијата и во Хрватска и Бугарија, иако таму растот е намален, додека во Македонија, Босна и Херцеговина, Грција, Албанија, Црна Гора и Косово растот на новозаразени стагнира.
Во однос на вкупниот број на починати, споредбата покажува дека најмногу починати како резултат на ковид-19 на Балканот има во Бугарија, Грција и Хрватска, па потоа Босна, Србија и Словенија.
Ако се спореди процентот на починати на дневна основа како процент од бројот на новозаразени, статистиката покажува дека и овој процент во дел од земјите од Балканот е во стагнација и во моментот изнесува под 4 %. Сепак, на првото место е Бугарија, со 3,9 отсто, Македонија е на средина на листата со 3 отсто и најдолу е Србија со 1 отсто.
Споредбата, пак, на стапката на починати на 100.000 жители покажува дека севкупно земено, од почетокот на пандемијата до сега, најмногу жртви на 100.000 жители пандемијата одземала во Словенија – 146 и во Македонија – 127. Но, ваквите споредби треба да се земаат со резерва кога се споредуваат земји со големи разлики во популацијата, како на пример Грција и Србија со Словенија и Македонија.
Епидемиологот Стојанов, за Мета.мк вели дека дефинитивно може да се очекува намалување на вирулентноста на SARS-CoV-2 вирусот за неколку месеци, што значи дека тој потешко би се ширел. Сепак, епидемиологот посочува дека и тоа не значи дека луѓето не треба и понатаму да внимаваат бидејќи вирусот е многу непредвидлив. Според него, ниту пристигнувањето на најавените први дози на вакцината против ковид-19 во февруари и март не значи дека пандемијата ќе заврши.
„Вакцината дава надеж, но тоа не значи крај на пандемијата. Има група на деца до 16 години кои не се вакцинираат. Потоа има доилки, па луѓе со различни заболувања и други категории граѓани кои нема да се вакцинираат, така што, вакцинирањето нема да биде масовно“, вели Стојанов.
Според него, сè повеќе луѓе стенуваат колективен имунитет, затоа може да сметаме и на ослободување на вирулентноста, но сепак, луѓето треба и натаму да внимаваат.
„Со вакцинацијата и со колективниот имунитет, очекувањата се бројот на ковид-случаите да опаѓа, а не да расте. Но, да не забораваме дека вирусот е непредвидлив“, додава д-р Стојанов.
Микробиологот, проф. д-р Пановски смета дека би било апсурдно сега луѓето да се опуштаат, посебно оние ризичните.
„Тоа е како да се оди на фронт да се загине, на еден месец пред ослободување. Затоа, да внимаваме. Бројот на новозаразени случаи сепак не е мал, далеку од 100-150 колку што имавме минатото лето. Намалувањето е резултат на тоа што луѓето се посвесни за вирусот, имаат во нивното поблиско или подалечно опкружување болни или починати лица. Имаме и колективен имунитет, сигурно имаме 400.000 лица кои ја поминале болеста. Со вакцината и затоплувањето постепено се очекува да се опуштаат и мерките. Мислам дека и да се даде на луѓето слобода, тие пак ќе се чуваат. За концерти, кино-сали, театри, ќе почекаме за тоа сигурно уште една година“, смета Пановски.
Овој месец се обележуваат неколку поголеми верски празници, на кои вообичаено има масовни собири. За празникот Водици на 19 јануари годинава од МПЦ најавија дека нема да има организирани прослави како што тоа досега беше пракса.
Светиот архиерејски синод на Македонската Православна Црква — Охридска Архиепископија, побара од верниците Божикните и Богојавленските празници да ги прославуваат без нарушување на мерките за заштита од ковид-19.
„Тоа подразбира верниците во храмовите да носат маски, да одржуваат пристојно меѓусебно растојание, а богојавленското осветување на водите во 2021 година да се одржи во кругот на храмовите. Запазувајќи ги овие мерки, како Црква ќе придонесеме за зачувување на општото здравје на нашиот народ, во овие тешки времиња кога целиот свет е исправен пред предизвикот да се избори против опасниот вирус“, соопштија од МПЦ-ОА.