Американските власти го испитуваат мотивот за подметнатата експлозијата во Нешвил, во која на божикното утро десетици згради во центарот на градот беа сериозно оштетени, а три лица беа повредени.
Полицијата го идентификуваше лицето за кое се верува дека стои зад нападот. Официјалните лица вчера објавија дека станува збор за 63-годишниот Ентони Квин Ворнер, кој загинал во експлозијата, но мотивот сè уште не е познат.
„Одговорите нема да дојдат брзо и ќе бараат многу напор од нашиот тим“, рече специјалниот агент на ФБИ, Даг Корнески на прес-конференција.
И покрај стотиците совети и упатства кои беа испратени до официјалните служби во рок од само неколку дена, официјалните лица досега не откриваат зошто Ворнер ја предизвикал експлозијата.
Истражителите во саботата извршиле претрес во куќата на Ворнер во Ентиок, каде што зеле ДНК примероци што биле споредувани со остатоците од човечко тело пронајдени на местото на експлозијата и било утврдено дека тие се совпаѓаат.
Полицијата во Нешвил објави и ново видео од моментот на експлозијата, на кое се гледа бело комобе и полицаец кој минува недалеку од него непосредно пред да експлодира бомбата.
Непосредно пред експлозијата, од комбето во кое се наоѓла бомбата била емитувана снимената порака „оваа област мора да се евакуира“, како и песната „Downtown“ од Петула Кларк.