Француската полиција го ослободи 39-годишниот бегалец од Руанда од какво било сомнение во врска со подметнувањето на пожарот во готскатата катедрала во Нант и тој бил пуштен на слобода по сослушувањето, соопштија властите.
„Тој не е инволвиран. Нелогичностите во неговите први изјави се разјаснети“, рече државниот обвинител, Пјер Сенес.
Приведениот бегалец од Руанда работел во катедралата како доброволец и имал задача да ја заклучи во петокот вечерта. Три пожари избувнаа во црквата во саботата, а властите објавија дека започнале истрага за подметнување пожар.
Десетици пожарникари успеаја да го стават пожарот под контрола по неколкучасовна борба, но тој го уништил оргулите и стаклата на црквата.
Овој пожар избувна само една година по големиот пожар во катедралата Нотр Дам во Париз во кој беа уништени покривот и врвот на кулата.
Сепак, во Нант штетата не е толку голема како што првично се чинеше.
Оваа црква делумно била уништена и за време на Втората светска војна, во бомбардирања. Пожар во 1972 година целосно го уништил покривот. Катедралата била обновена 13 години подоцна, кога дрвениот покрив бил заменет со бетонска конструкција.
„Се сеќаваме на пожарот во 1972 година, но во оваа фаза ситуацијата е неспоредлива“, рече градоначалничката на Нант, Јохана Роланд пред новинарите.