Утрински Весник
Македонија

Поддршка за жртвите на семејно и родово базирано насилство во Кочани

Поддршка за жртвите на семејно и родово базирано насилство во Кочани

Кочани, 22 април 2020 (МИА) – Меѓуопштинскиот Центар за социјални работи од Кочани обезбеди наменски телефонски број за поддршка на жртвите на семејно, односно родово базирано насилство за подрачјето на општините Кочани, Зрновци и Чешиново-Облешево.

Можноста за помош и заштита на жртвите на семејно насилство е воведена во координација со Центарот за жени жртви на семејно насилство и со другите институции на локално ниво, а по препорака од Министерството за труд и социјална политика.

– За да добијат помош, поддршка и заштита жртвите на семејно насилство треба да се јават на бесплатната мобилна СОС-линија, преку која им се обезбедува точна, навремена и доверлива информација и совет за нивна заштита, како и за достапните услуги. Во случаи кога постои загрозување на животот и здравјето на граѓаните како последица на семејно насилство, тоа треба да се пријави независно дали е полициски час. Нашите служби работат со полн капацитет и сите пријави се обработуват и решаваат во предвидените рокови, а во постојан контакт сме и со надлежните во Полициската станица. И покрај вонредната ситуција и зголемениот ризик поради домашната изолација, од подрачјето што го покрива Центарoт нема зголемен број пријави за семејно насилство, истакна Кирил Ковачев, директор на Центарот за социјални работи во Кочани.

На последната седница на Општинскиот кризен штаб на Кочани поддршка за жртвите на семејно насилство беше иницирана и од општинските служби за еднакви можности на жените и мажите, кои ги лоцираа зголемените ризици во услови на подолга изолација.

Во периодот на спроведување на мерките и активностите за превенција од ширење на болеста КОВИД-19, на теренот во Кочани работат мобилните тимови за поддршка на стари, изнемоштени и хендикепирани лица. Мобилниот сервис за домашна посета учествува и во снабдување на пациентите со инсулинска терапија, што се покажа како многу важна услуга за граѓаните кои имаат проблеми при набавката на потребните лекарства. та/рп/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Тешка сообраќајна несреќа пред влезот на Клинички центар

Мицотакис: Не гласавме за договорот од Преспа затоа што со него се признава македонската нација и јазик

Петровска: Нападот на Кацарска е напад на слободата и демократијата