Македонска Каменица, 8 мај 2020 (МИА) – По неколку недели пауза, под засилени мерки за безбедност поради Ковид-19 денеска започна со работа градскиот пазар во Македонска Каменица.
Според насоките дадени од општинскиот штаб за заштита и спасување и мерките и уредбите на Владата, Јавното претпријатие „Камена Река” кое стопанисува со Градскиот пазар денеска беше задолжено за организирање и придржување кон посебни правила и начини на однесување на посетителите.
-Во таа насока, во текот на денешниот ден извршивме вонредна дезинфакеција на Градскиот пазар. Исто така изготвивме распоред со задржување на минимум препорачано растојание помеѓу продажните места (тезги), а обезбедивме и засилена редарска служба пред и во Градскиот пазар, информираа од претпријатието.
За време на присуството на пазарот согласно насоките на надлежните, граѓаните имаа обврска со себе да носат заштитни медицински маски, како и да одржуваат потребна социјална дистанца со цел зголемена лична заштита и заштита на останатите посетители, додека по завршувањето на пазарниот ден екипи на претпријатието ќе извршат дезинфекција на градскиот пазар.
Од општините од регионот единствено општина Делчево се уште е со затворен пазар, додека во Пехчево и Берово пазарите веќе втора недела се отворени за посетители. вс/ев/