Утрински Весник
Култура

Повторно доцнат резултатите од конкурсот за финансирање проекти, реагираат издавачите

Повторно доцнат резултатите од конкурсот за финансирање проекти, реагираат издавачите

Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) реагира дека повторно се доцни со објавувањето на резултатите од Годишниот конкурс за финансирање на проекти од национален интерес во културата од областа на литературата и издавачката дејност на Министерството за култура и ја изразува загриженоста на издавачите за последните случувања поврзани со проектите од 2020 година.

„Со оглед на тоа што буџетот за 2021 година беше донесен на 20 декември 2020 година, а законскиот рок на Министерството за култура за избор на проекти од национален интерес е 45 дена од денот на донесување на буџетот, односно до почетокот на февруари, сметаме дека ваквото повторно доцнење на Министерството оди на штета на издавачите и на реализацијата на проектите. Загрижува и фактот што ниту тие, ниту јавноста не се известени за причините за пролонгирањето и за евентуалниот датум кога можат да ги очекуваат резултатите“, наведе МАН во реакцијата.

Дополнително, оттука го наметнуваат прашањето дали и колку финансиските проблеми на Министерството за култура и проблемите со минатогодишната програма ќе влијаат на вкупниот буџет и средствата што ќе бидат одвоени за проектите од Годишната програма за 2021 година.

Издавачите реагираат дека необразложеното доцнење предизвикува нарушување на организацијата и планирањето на работата од страна на издавачите, како и голема неизвесност за издавачите, а особено за нивните надворешни соработници.

МАИ потсетува дека Министерството за култура било ригорозно во поглед на продолжувањето на роковите за проектите од Годишниот конкурс за 2020-та година. На издавачите не им била овозможена законски пропишаната можност за продолжување на роковите „до крајот на тековната година“, и покрај реакцијата на здружението за ланското доцнење на потпишувањето на договорите со издавачите и вонредните услови во кои западна целата економија со ковид-кризата. Во тој поглед, потенцираат од МАИ, сегашното доцнење на резултатите е контрадикторно и говори за некоректен однос кон македонските издавачи.

Дополнително, изненадени се и од одлуката на Министерството да се замрзнат исплатите за проектите од 2020 година, иако тие се доставени во предвидениот рок, односно до 15 ноември.

„Издавачите, ниту консултирани и информирани, со оваа одлука се принудени самите да ги подмируваат долговите за проектите, што дополнително ја отежнува нивната состојба. Поради тоа, бараме исплатата на средствата за овие реализирани проекти да не се пролонгира без основ и да биде реализирана во најбрз можен рок“, наведиваат од асоцијацијата.

МАИ се надева дека Министерството за култура ќе ја сфати загриженоста и барањето на издавачите и дека во најскоро време ќе ги објави резултатите од Годишниот конкурс за финансирање на проекти од национален интерес во културата од областа на литературата и издавачката дејност.

Текстот Повторно доцнат резултатите од конкурсот за финансирање проекти, реагираат издавачите е превземен од МАКФАКС.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“