Планот на канцеларката Ангела Меркел за отворање на економијата протече во германските медиуми, пренесува „Дојче веле“.
На онлајн конференцијата со членовите на конзервативната парламентарна група ЦДУ/ЦСУ, Меркел рече дека отворањето мора да биде внимателно и постепено ако земјата сака да избегне брзо враќање во блокада, пишуваат германските медиуми повикувајќи се на извори кои учествувале на конференцијата.
Германската канцеларка стравува од нагло зголемување на бројот на зарази со коронавирус во случај на пребрзо отворање.
„Не можеме да си дозволиме ненадејни скокови“, им рече таа на учесниците на состанокот.
„Дојче веле“ наведува дека Германија е во блокада барем до 7 март, а пред истекот на тој рок, следната среда, Меркел ќе се состане со премиерите на федералните покраини во обид да се договори за најдобриот начин за излез од затворањето на земјата.
Германската канцеларка им соопшти на своите колеги од ЦДУ/ЦСУ на онлајн конференцијата дека Германија во моментов е во третиот бран на зараза, додека во земјата кружат многу заразни варијанти на коронавирусот.
Меркел тврди дека олеснувањето на ограничувањата треба да оди во три фази.
Првата фаза се однесува на попуштање на ограничувањата поврзани со личните контакти помеѓу домаќинствата, по што би следувало попуштањето во областа на образованието и спортот. Третата фаза би вклучувала отворање ресторани и културни институции, пренесува Индекс.хр.
Секое попуштање треба да биде придружено со зголемување на капацитетот за тестирање на коронавирус, пренесува „Дојче веле“. Федералната влада планира да им обезбеди на граѓаните бесплатен пристап до брзи тестови за коронавирусот до првата недела од март.