Утрински Весник
Македонија

Пешева: Македонија ќе има полза ако ја поддржи Канада за непостојан член во СБ на ОН

Пешева: Македонија ќе има полза ако ја поддржи Канада за непостојан член во СБ на ОН

Скопје, 5 јуни 2020 (МИА) – Се надевам дека нашата земја ќе ги препознае силните заложби на Канада за интернационализам и агендата за зајакнување на меѓународната соработка во 21 век и дека ќе ја поддржи на изборите за непостојан член на Советот за безбедност на Обединетите нации, вели почесната конзулка на Канада во Северна Македонија, Анета Пешева во интервју за 360 степени.

Овој месец Канада ќе биде меѓу неколкуте земји кои се во избор за непостојан член на Советот за безбедност на ОН, а Пешева во интервјуто напоменува дека Канада направила огромни напори за да придонесе за благосостојбата на глобално ниво. Таа додаде дека повеќе од 125.000 Канаѓани служеле во мировните мисии на ОН.

-Канада е голема и важна држава. Таа има територија која е втора по големина во светот, територија на која борбата за заштита на природата се води секојдневно. Дом е на преку 200 етнички групи кои говорат повеќе од 200 јазици, земја во која 1 од 5 нејзини граѓани е роден во некоја друга држава во светот. Зошто го потенцирам ова. Затоа што Канада е колепка на мултикултурализмот и инклузијата, половата и родовата еднаквост и е насочена кон промоција на демократските вредности како важни елементи за зајакнување на правдата и еднаквоста за сите луѓе, нагласи таа.

Истакна дека Канада е силна економија која се наоѓа во редот на десетината најсилни економии во светот, членка е на Г-7, Г-20, NAFTA, земја која својата економска моќ не се двоуми да ја сподели со остатокот на светот.

-Канада е осмиот најголем контрибутор на програмите и агенциите на ОН, деветти најголем контрибутор кон буџетот на операциите на ООН за мир, шести најголем донатор на Фондот за мир на ООН. Со своите 2,65 милијарди долари поддршка на земјите во борбата против климатските промени, Канада е една од земјите лидери во светот, додаде Пешева.

Во врска со заложбите на Канада во справувањето со Ковид-19 и помошта за регионот и земјава, Пешева вели дека Канада верува дека глобалниот одговор на пандемијата е најефикасната одржлива долгорочна стратегија и во склад со тоа одлучи да издвои значителни средства во борбата против пандемијата низ хуманитарна помош на најранливите земји, преку финансирање на меѓународните организации кои помагаат во управувањето со кризата во текот на пандемијата, како и низ издвојување на средства за истражувања и развој во напорите да се пронајде ефикасна вакцина.

Во однос на насоката во која се развиваат билатералните односи меѓу С. Македонија и Канада, Пешева вели дека во моментов има низа проекти преку кои двете земји градат стабилни и одржливи билатерални односи.

-Она што е деновиве актуелно е дека Канада, препознавајќи ја потребата за помош во борбата против пандемијата на Ковид-19, ќе ѝ донира на Македонија 250 000 канадски долари како директна помош во борбата против пандемијата. Многу малку е познато во јавноста, но сметам дека е интересно да се сподели следново: Во младоста, 14. по ред премиер во Канада, Лестер Пирсон, служел речиси две години како медицински член на македонскиот фронт за време на Првата светска војна. Подоцна во животот ќе му биде доделена Нобелова награда за мир за 1957 година за неговите придонеси во воспоставувањето мировни мисии на ООН. Дипломатските достигнувања на Лестер Пирсон се еден пример за долг список на канадски придонеси во системот на ООН и за градење побезбеден, подемократски и поправеден свет, додава Пешева.

Почесната конзулка на Канада во С.Македонија нагласува дека земјава дефинитивно ќе има корист од правилниот избор доколку ја поддржи Канада на претстојните избори за Советот за безбедност на ООН овој месец.

-Таа одлука гарантирано ќе ја засили соработката меѓу двете земји и ќе донесе многу придобивки во иднина, вели Пешева во интервјуто. ац/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Давкова: НУБ „Св. Климент Охридски” е амбасадор на македонската културна историја и чувар на македонскиот идентитет

СЕОУГС Васил Антевски Дрен, Скопје – лауреат за Европската награда за иновативна настава (EITA) за 2024 година

НИ СЛЕДУВААТ УМЕРЕНИ ДО ЈАКИ МРАЗЕВИ: Температурите ќе се спуштат дури и под -10 степени!