Утрински Весник
Македонија

Петти ден прекинат железничкиот сообраќај Велес- Битола поради одрони од карпи

Петти ден прекинат железничкиот сообраќај Велес- Битола поради одрони од карпи

Велес, 20 март 2020 (МИА) – Од недела вечерта во 22.30 часот до денеска, петти ден е во прекин железничкиот сообраќај Велес – Битола и обратно поради големи  одрони на карпи помеѓу станиците Стари Град и Мартолци.

Од ЈП Железници Инфраструктура за МИА информираат дека  од понеделникот  работат на расчистување на пругата  од карпи со механизација – две машини за расчистување  и со  екипи.

До денеска  биле отстранети  50 проценти од карпите и најавуваат дека пругата целосно  ќе биде расчистена до понеделник. Појаснуваат дека  има  огромна карпа која е се уште  опасно надвисната над пругата и може да има нови одрони.

Поради тоа, геолог кој со нивни екипи вчера  направил увид на терен,  ги советувал таа трајно да се отстрани.

По целосното расчистување на карпите од пругата, ЈП Железници Инфраструктура во понеделник ќе треба да реши дали ќе биде пуштен  железничкиот сообраќај Велес – Битола или ќе почнат  со трајно решавање на проблемот со карпите на пругата кои и понатаму се ронат и се олема опасност за безбедноста.

Од ЈП МЖ Транспорт информираат дека поради тоа  возовите од Велес до Битола и   обратно  и денеска петти ден не сообраќаат, а  патничките возови од Скопје до Битола веќе петти ден  сообраќаат до Велес и обратно освен утринскиот воз кој од Скопје за Велес  тргнува во 6,54 часот. 

Возот од Скопје за Гевгелија кој тргнува  во 6,23  часот ќе поаѓа подоцна 30 минути и ќе сообраќа само до Велес, информираат од МЖ Транспорт.

Инаку, на истото место на овој дел од пругата Велес – Битола  помеѓу железничките станици  Стари Град – Мартолци големи  одрони на карпи имаше на 28 октомври  2015 година.

Тогаш карпите беа отстранети за две недели. Исто како и сега, имаше карпи кои се надвиснуваа над пругата и беа закана за безбдноста на железничкиот сообраќај на овој дел од пругата. Затоа ЈП МЖ Транспорт ги минираа карпите,  а  потоа се работеше на дополнително расчистување на пругата  поради што железничкиот сообраќај на пругата Велес – Битола и обратно беше нормализиран дури на 19 ноември 2015. ад/хс/ 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Мицкоски: Во Гевгелија започна изградбата на Трговски центар, инвестиција вредна околу 20 милиони евра и отворање на 350 нови вработувања

Завршен јубилеен концерт „75 години македонски код“ на ансамблот Танец

ВМРО-ДПМНЕ: СДС наместо да продуцира со лаги за Тошковски, нека направи анализа зошто на анкетите губи 5 спрема 1