Петти ден по ред продолжуваат судирите на Кавказ, помеѓу Ерменија и Азербејџан. Двете држави меѓусебно се обвинуваат за иницирање на немирите.
Синот на премиерот на Ерменија, Ашот Пашињан, оди во Нагорно-Карабах, каде се водат борби со Азербејџан, откако ескалира ситуацијата кон крајот на минатата недела.
Новинар на француски „Монд“, кој претходно во текот на денот беше ранет од страна на азербејџанските сили, се наоѓа во критична состојба. Претседателот на Франција, Емануел Макрон изјави дека државата прави напори да врати двајца француски новинари на „Монд“ назад во Франција. Тие беа ранети во гранатирањата што ги изведоа азербејџанските сили во Нагорно-Карабах.
Министерството за одбрана на Ерменија соопшти дека денеска војската во Нагорно-Карабах соборила еден азербејџански авион и еден хеликоптер. Набрзо потоа, пријавено е дека се соборени два авиони, пренесе ТАСС.
Продолжува броењето жртви и утврдување на материјалната штета на двете страни. Спорната област Нагорно-Карабах останува камен на сопнување.
Судирот почна на 27 септември кога Министерството за одбрана на Азербејџан соопшти дека Вооружените сили на Ерменија гранатирале места на линија на разграничување во Карабах.
Се појави стравување во врска со странските фактори, како Турција, Иран и Русија, па во овој судир веќе не се поставува прашањето кој е посилен, туку кој има посилен сојузник.
Путин, Макрон и Трамп повикаа на прекин на воените дејствија во Нагорно-Карабах. Тие ги повикаа Ерменија и Азербејџан без предуслови да ги обноват преговорите за Нагорно-Карабах.