Утрински Весник
Свет

Песков: Отсуството на одговор на Бајден на предлогот на Путин значи одбивање

Песков: Отсуството на одговор на Бајден на предлогот на Путин значи одбивање

Русија се надева на најдоброто во односите со САД, но секогаш е подготвена на најлошото, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на прашањето за можноста за нова студена војна меѓу двете земји.

Песков рече дека руското раководство, и покрај сè, се обидува да ги одржи односите меѓу двете земји, бидејќи смета дека тоа е во интерес на целиот свет, но додава дека Москва не може да ги игнорира зборовите на претседателот Бајден за рускиот претседател Владимир Путин.

Во средата, на прашање од медиумите дали смета дека неговиот руски колега е убиец, Бајден одговори потврдно. Тој исто така рече дека Путин ќе плати за наводното мешање во американските избори.

После тоа, Москва го повлече амбасадорот од Вашингтон на консултации, а Путин му посака многу здравје на Бајден, коментирајќи ја неговата изјава.

По изјавата на Бајден, Путин му понуди на својот американски колега отворен дијалог во живо во петок или в понеделник.

ТАСС известува дека Белата куќа сè уште не ја прифатила понудата за разговор во живо. Секретарот за печат на Белата куќа Џен Псаки изјави дека Бајден денес ќе биде на службено патување во американската држава Џорџија, па затоа е малку веројатно дека ќе може да разговара со Путин.

Отсуството на јасен одговор на повикот на рускиот претседател за отворен дијалог со американскиот претседател за Москва значи одбивање на предлогот.

„Прашањето е поставено, сè уште нема одговор и ако го нема наскоро, тоа значи дека предлогот е одбиен“, рече портпаролот на Кремљ.

Песков не можеше да прецизира детали за тоа како би изгледал „отворениот дијалог“ меѓу двајцата претседатели и дали тој ќе се одвива во присуство на новинари, бидејќи одговорот на американската страна засега не е познат.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

„Фаненшл тајмс“: Русија регрутира платеници од Јемен да се борат во Украина

Хезболах истрела 150 ракети кон Израел

Телефонски разговор Путин – Ердоган