Утрински Весник
Свет

Песков: Изворот на проблемот што води до глад се оние кои ни воведоа санкции

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, го обвини Западот дека предизвикува глобална прехранбена криза со воведувањето на најстрогите санкции во модерната историја на Русија поради војната во Украина.

„Русија отсекогаш била многу сигурен извозник на жито. Ние не сме изворот на проблемот. Изворот на проблемот што води до глад се оние кои ни воведоа санкции, како и санкции против самите себе“, рече Песков, пренесува Ројтерс.

Заедно, Русија и Украина носат речиси една третина од глобалните резерви на жито.

Украина е, исто така, најголемиот извозник на пченка, јачмен, сончоглед и масло од репка, додека Русија и Белорусија сочинуваат над 40 отсто од глобалниот извоз на ѓубрива за култури познати како поташа.

Според Обединетите нации, 36 земји сметаат на Русија и Украина за повеќе од половина од нивниот увоз на жито, вклучително и некои од најсиромашните во светот, како што се Либан, Сирија, Јемен, Сомалија и Конго.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш минатата недела изјави дека е во интензивни контакти со Русија, Украина, Турција, Соединетите Американски Држави и Европската Унија во обид да го обнови извозот на жито од Украина.

Песков повтори дека „пумпањето“ оружје во Украина нема да ја зголеми безбедноста или стабилноста во Европа.

Можете да прочитате

„Алтернатива за Германија испиша историја со својата изборна победа во Саксонија-Анхалт, изјави нејзиниот регионален лидер

Студија: Од 2023 до 2025 година Израел го напуштиле речиси 1.400 лекари

Истекува флексибилниот режим за биометриските проверки на границите за влез во ЕУ