Утрински Весник
Македонија

Пендаровски се сретна со Филипче, Ангелов и Ѓурчиновски: Неопходна целосна координација на сите надлежни институции

Пендаровски се сретна со Филипче, Ангелов и Ѓурчиновски: Неопходна целосна координација на сите надлежни институции

Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими министерот за здравство, Венко Филипче, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.

На средбата се разменија информации за актуелната ситуација со Ковид-19 и мерките и активностите на надлежните органи за сузбивање на пандемијата.

Министерот Филипче информираше за моменталната состојба на заболени и починати од коронавирусот, за расположливите капацитети и ресурси, како и за проекциите за функционирање на здравствениот систем во државата во следниот период. Тој ги образложи најновите одлуки на Владата за прифаќање на препораките на Комисијата за заразни болести за дополнителни рестриктивни мерки во периодот од 18 декември до 20 јануари. Министерот Филипче се осврна и на соработката и поддршката што здравствените власти ја добиваат од Армијата во контекст на реорганизацијата на болниците во државата за прием на заразени пациенти и наши граѓани.

Генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски реферираше за армиското учество во справувањето со коронавирусот и притоа нагласи дека ангажирањето на Армијата во асистенција на институциите во спречување на ширењето на Ковид-19 тече според предвидената динамика и план. Началникот на Генералштабот информираше за конкретните мерки, начинот на ангажирање и употреба на потребните ресурси на Армијата кои се извршуваат врз основа на побарувањата и оперативните планови на Главниот штаб.

Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов информираше за работата на Главниот штаб за управување со кризи при ЦУК, за преземените мерки и досегашни активности на институциите во справувањето со пандемијата и заштитата на здравјето и животот на граѓаните. Тој нагласи дека нивен приоритет е рационалното и ефикасно искористување на расположливите национални ресурси, а во согласност со Акцискиот план за посеопфатно дејствување против ширењето на Ковид-19. Директорот Ангелов информираше и за јакнење на капацитетите на Главниот штаб за управување со кризи, со учество на надворешни соработници од невладиниот сектор.

Претседателот Пендаровски, оценувајќи дека состојбата со коронавирусот кај нас, како и насекаде во Европа, е исклучително сериозна, повика на уште поголема одговорност и посветеност во работата на надлежните институции. Тој истакна дека е неопходна целосна координација и соработка на сите надлежни институции вклучени во активностите против ширење на коронавирусот, како и во справувањето со последиците предизвикани од Ковид-19.

На средбата стана збор и за усвоената информација од Владата за вакцинација против Ковид-19, која ги опфаќа подготвеноста на системот, улогата на УНИЦЕФ како Координатор на набавки во COVAX механизмот, директните преговори со производителите и со Европската комисија и земјите-членки на Европската Унија.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Бишев: Јавниот долг до крајот на годината би изнесувал околу 68,5%

Нов земјотрес вечерва повторно ја стресе Македонија

Перински: ЈП „Улици и патишта“ нема пари за плата, а не пак да чисти снег