Скопје, 17 март 2020 (МИА) – Немаме никаква политичка намера да ја рушиме техничката влада ако ги одлагаме изборите, а јасно е дека ги одлагаме, и немаме намера да се враќаме на политичка влада. Значи, продолжуваме вака како и досега со техничката влада, со тие неколку министри и заменици министри од опозицијата, како еден вид на гаранција дека тоа што ќе биде дадено тоа и ќе биде навистина само со цел да се спречи ширењето на вирусот, истакна вечерва претседателот Пендаровски во интервју во емисијата „Топ тем“, заземајќи го ставот на лидерот на СДСМ Зоран Заев.
Претседателот наведе дека денеска се одржува средба на седум истакнати правни експерти во неговиот кабинет.
– Тие се уште работат, има прилично дисонантни тонови, различни мислења. Знаете онаа поговорка „два правника три мислења“, меѓутоа, јас се надевам, бидејќи станува збор за врвни експерти, дека ќе подготват барем две-три опции кои понатаму утре или задутре на политичко ниво повторно ќе треба да ги пресечеме, рече Пендаровски.
Претседателот образложи дека има неколку дилеми.
– Едниот став е дека Собранието по самораспуштањето не може да се собере назад, да се врати назад ни во случај на војна. Самораспуштено е и готово. Другото е, Собранието е самораспуштено, но мандатот на пратениците трае додека не дојдат новите пратеници избрани на следните избори. И вели, во екстра ситуации, како што е оваа, пратениците би морале да имаат право да се вратат назад, дури и да продолжат со работа не само за да одложат избори, туку и за да донесат некој закон кој е важен. Тука се кршат копјата. Има една прилично контроверзна одлука на Уставниот суд, ако паметите од 2016 година кога двапати ги одлагавме изборите. Вонредната состојба е важна и за тоа дали воопшто ќе можеме да ги одложиме изборите, образложи Пендаровски.
Тој нагласи дека е важно што и Државната изборна комисија пополека влегува во фаза на печатење на изборни материјали.
– ДИК пополека влегува во фаза, значи кога ги утврдува кандидатите и за следните неколку денови се планира влегување во процес на печатење на гласачкиот материјал. Четири милиони евра чини целата таа операција. Јас мислам дека тоа не треба да бидат пари кои ќе ги фрлиме туку така, ако сите сме свесни дека изборите ќе мора да се одложат, нагласи Пендаровски.
Тој даде пример дека во Франција, каде завчера се одржа првиот круг од локалните избори за 25 проценти е помала излезноста.
– Дваесет и пет процценти е помала излезноста на локалните избори во Франција од претходните локални избори и денеска претседателот Макрон го одложи вториот круг на изборите за неодредено време, бидејќи е невозможно во такви услови да не бидеш еден од генераторите за проширување на вирусот, рече Пендаровски.
Тој нагласи дека во следните два-три дена ќе мора да се донесат одлуки.
– Јас ја чекам одлуката на Советот на правниот тим експерти вечерва кои работат кај мене, што тие сугерираат, како ова правно да го надминеме, а да биде правно фундирано, да не правиме еквилибристики на кои понатаму ќе ни се смеат сите други. Но, исто така е јасно дека постои ургентна потреба, не само политичка, за одлагање на изборите, потреба да се помогне на сите нас и да дојдеме во ситуација во која државата ќе може на најпродуктивен и најрационален начин да ги искористи ресурсите кои ги има, кои не се огромни, но се тука, заклучи Пендаровски. см/сп/