Утрински Весник
Култура

Пендаровски на чествување за Блаже Конески: „Тој е поет на демократијата“

Пендаровски на чествување за Блаже Конески: „Тој е поет на демократијата“

Претседателот Стево Пендаровски, како покровител на чествувањето на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески, преку видео порака се обрати на одбележувањето на овој голем јубилеј, што се одржа во седиштето на УНЕСКО во Париз.

Во рамки на настанот се прославува и Светскиот ден на поезијата – 21 Март.

 

„Постои едно интимно упориште во секој од нас што ги отвора сите прашања кои ги носиме во себе како радост, товар или тага. Една подотворена врата низ која се наѕираат сите дилеми на постоењето. Тоа е зборот. Тоа е мислата преточена во поетски јазик кој успева да ги помести хоризонтите на животните искушенија кои секогаш се поврзани со слободата. Блаже Конески е квинтесенција на поетскиот јазик во чиј опус се вградени мудроста и предизвиците на постоењето. Конески суптилно ја објаснува граматиката на животот, создавајќи арматура врз која се потпира не само континуитетот на нашата национална култура, туку има свој придонес и за светското поетско и духовно наследство“, го започна Пенадровски своето обраќање.

Во говорот, Пендаровски ја опиша поезијата на Конески како длабоко рефлексивна и јасна – и кога станува збор за интимните патеки на човекот, но и кога станува збор за општествените превирања и, воопшто, за сите бездни на животот.

Пендаровски рече дека Блаже Конески е поет кој се бори против диктатурата на еднозначноста и токму затоа е поет на демократијата.

„Во неговото целокупно творештво се вградени нашето минато, сегашност и иднина, но неговото наследство, всушност, им припаѓа на сите оние на кои им е јасно како се гради современ, еманципиран и космополитски свет“, заклучи Пендаровски.

Текстот Пендаровски на чествување за Блаже Конески: „Тој е поет на демократијата“ е превземен од МАКФАКС.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“