Утрински Весник
Македонија

Пендаровски: Кампањата да биде безбедна, а изборите фер, слободни и демократски

Пендаровски донесе нова одлука за вонредна состојба во времетраење од осум дена

Скопје, 24 јуни 2020 (МИА) – За првпат од независноста на земјата имаме избори како земја-членка на НАТО и во очекување да ги почнеме претпристапните преговори со Европската Унија. Изборниот процес и изборите мора да бидат спроведени според високи стандарди и критериуми, имајќи ја предвид и нашата евро-атлантска перспектива, порачува претседателот Стево Пендаровски во изјавата по повод почетокот на изборната кампања за предвремените парламентарни избори.

Посакува успешни избори, фер и коректна кампања, и на крај вистинската одлука да ја донесат граѓаните.

-Почитувани граѓани, ве повикувам да излезете и да гласате по свое лично убедување, без страв и без притисоци. Одлучете сами на која политичка опција и за каква политика ќе го дадете својот глас и својата доверба. Овие избори се одржуваат во време на пандемијата на КОВИД-19, прогласена од Светската здравствена организација. Во таа насока, на сила ќе бидат посебни здравствени протоколи со цел да им се овозможи на сите граѓани кои ќе одлучат да го искористат своето уставно загарантирано право на глас, да го сторат тоа во безбедни услови и со соодветна заштита. Драги сограѓани, постапувајте според  протоколите за безбедност и заштита при одвивањето на севкупниот процес на избори. При гласањето бидете заштитени, почитувајќи ги мерките, протоколите и држете пропишано растојание, истакнува шефот на државата во изјавата.

Апелира до сите учесници во изборниот процес да придонесат овие избори да бидат фер, слободни и демократски, како што и се обврзаа со потпишувањето на Кодексот за фер и демократски избори.

– Очекувам сите политички партии да организираат кампања во која учеството ќе биде безбедно за сите, и за кандидатите и за граѓаните. Очекувам од сите политички партии достоинствена кампања, со високо ниво на политичка култура, без дискредитации. Очекувам инклузивна кампања во која ќе учествуваат сите маргинализирани групи и малцинства, во која ќе биде застапуван и нивниот интерес. Од друга страна, очекувам сите институции кои се најповикани и надлежни за спроведување на изборниот процес да работат професионално, во согласност со принципите на отвореност, еднаквост и непристрасност, вели Пендаровски.

Потенцира дека слободата на изразување е клучна за да имаме кредибилен изборен процес и граѓаните да добијат релевантни, навремени и вистинити информации со цел самостојно да донесат одлука кому ќе го дадат својот глас.

-Во услови кога имаме избори без поголеми собири и теренски активности, медиумите имаат уште позначајна улога и затоа е потребно непристрасно и професионално да ја информираат јавноста. Социјалните медиуми ќе бидат значајна алатка во изборната кампања, честопати и како извор на потпалувачки говор и лажни вести кои го поткопуваат демократскиот развој на отворените општества. Апелирам до граѓаните да бидат внимателни и редовно да ги проверуваат информациите кои се пласираат на социјалните медиуми од непознати извори, посочува претседателлот на државата. вј/са/

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Мицкоски: Се надевам дека деновиве ќе имаме друга позиција од банките, целта е што пониска камата за бизнисот

Невремето без струја го остави целиот дебарски регион

Оштетен автомобил и покрив на куќа – Битолчани вознемирени од невремето кое ги зафати (ФОТО)