Скопје, 21 февруари 2020 (МИА) – Претседателот Стево Пендаровски на средба со пратениците во Европскиот Парламент, Дачиан Чолош, претседател на парламентарната група „Renew Europe“ и Илхан Ќучук, известител за Северна Македонија и член на оваа парламентарна група, го реафирмирал очекувањето на нашата држава во текот на март Европската унија да ја усвои новата методологија за водење пристапни преговори, со што би се создала можност за отворање на пристапните преговори за членство на Северна Македонија во текот на хрватското претседателство со Унијата.
Како што соопшти кабинетот на претседателот, на средбата со Чолош и Ќучук се разменети мислења за аспирациите на нашата држава за членство во Европската Унија, како и за актуелните случувања во државава, во пресрет на предвремените парламентарни избори.
– Пендаровски ја истакна важноста на принципиелната поддршка од Европскиот парламент за процесот на проширување на Унијата со земјите од Западен Балкан и одржувањето на прашањето на агендата. Претседателот Пендаровски го реафирмираше очекувањето на државата дека новата методологија за водење на пристапните преговори ќе биде усвоена во текот на март, со што би се отворила можноста за отворање на пристапните преговори за членство во текот на хрватското претседателство со Унијата, стои во соопштението.лв/са/