Утрински Весник
Македонија

Пендаровски го честиташе 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба

Пендаровски го честиташе 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба

Претседателот Стево Пендаровски упати честитка до граѓаните по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба.

„ Нека ни е честит 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба.

Датумот на основањето на македонската револуционерна организација е пресвртната точка од која започна долгиот и макотрпен пат за создавање на независна македонска држава. Благодарение на визијата на тогашните напредни интелектуалци за слобода и за правда, се осмисли почетокот за револуционерна борба и се обединија прогресивните сили во стремежот за остварување на националните и социјални идеали.

Во македонската револуционерна организација имаше различни пристапи, концепти, идеолошки сфаќања, но секогаш само една и единствена заедничка идеја ‒ Македонија слободна и независна.

Без разлика на вера, етникум, идеологија, партиска или каква било припадност да се обединиме околу идејата за демократска, развиена, напредна и просперитетна Република Северна Македонија. Да ги надминеме предизвиците на нашето време, да си ја сакаме и чуваме државата, да не се арчиме со меѓусебни судири и да го оставиме личниот интерес и суетите настрана. Да продолжиме да градиме иднина, инспирирани од родољубието, пожртвуваноста и од хероизмот на нашите револуционери.

Нека е вековит 23 Октомври, Денот на револуционерната борба“ порача Пендаровски.

Можете да прочитате

Сопственик на угостителски објект во Куманово уценуван од поранешна вработена со помош на друго лице

Државниот архив одбележува 75 години од основањето

Уапсени две лица поради бегство од затвор, претходно осудени поради „тешка кражба“