Скопје, 27 февруари 2020 (МИА) – Претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски во рамки на проектот „Лице в лице со Претседателот“ денеска беше во посета на општина Куманово.
Како што соопшти неговиот кабинет, Пендаровски ја посети млекарницата Бучен Козјак, формирана во 1983 година, како прва приватна млекарница на територијата на нашата држава. Пред претседателот Пендаровски беше претставен производствениот процес во компанијата, пласманот на производите и идните планови на менаџментот на компанијата.
За време на престојот во Куманово, претседателот Пендаровски се сретна и со вработените во библиотеката „Тане Георгиевски“, која годинава одбележува 75 години од своето постоење. Претседателот Пендаровски беше запознаен со работата на библиотеката, која има книжевен фонд од над 226.000 книжевни единици. Во текот на 2019 година е продолжен трендот на пораст на читатели и корисници на услуги. Бројот на регистрирани посети е околу 65000 на годишно ниво. Најмладиот член на библиотеката има само година и пол и за него на располагање библиотеката има сликовници и приказни, додека највозрасниот член има 90-тина години.
Претседателот Пендаровски оствари средба и со претставници на невладини организации од кумановскиот регион, како и со локални новинари и дописници, кои го запознаа со нивната тековна работа и предизвиците во финансирањето и функционирањето. Медиумските работници на средбата со претседателот Пендаровски посочија дека во државата изумира дописништвото, но и дека локалните медиуми едвај опстојуваат.
Претходно, претседателот Пендаровски го посети Општинското основно училиште „Толи Зордумис“, каде наставата се одржува на македонски и на албански јазик. Во него е имплементиран Нансен моделот за интеркултурно образование, што ги интегрира учениците, родителите и наставниците од различни етнички заедници преку современ воспитно – образовен процес.
За време на посетата на Куманово, претседателот Пендаровски се сретна со д-р Нурие Алији, која повеќе од 20 години се грижи за здравјето на жените во Куманово. Во моментов таа има 12 илјади пациентки. Авторка е на 23 научни трудови и е носител на Ноемвриската награда на град Куманово.
На средбата таа истакна дека е горда со своите постигнувања, а најголемо задоволство и е да помага на луѓето. И покрај обемната научна работа, нејзин приоритет се пациентите. Претседателот Пендаровски посочи дека треба да се истакнуваат позитивните примери во општеството, како што е д-р Алији.
Шефот на државата го посети и метеорологот Борис Секирарски, кој повеќе од три децении работи во Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) во Скопје, а е носител на повеќе домашни и меѓународни признанија за своите иновации.
-Следејќи ги климатските промени и последиците од нив, Секирарски го создал единствениот по функција македонски ИоТ (IoT Internet of things) уред наречен ЕЛИФ (Electronically Leed Internet Forecast), чија функција е предвидување на поплави и невреме. Секирарски, исто така, работи на поновиот систем ЕЛИФА за следење на промените на квалитетот на воздухот над поширок регион. Меѓу поновите негови успеси е системот што ги обединува сите негови напори на полето на климатските промени, наречен ЕлифЕРС (ELIF – Emergency Response System). Со него во регионот ќе можат да работат кризните штабови од различни нивоа и постојано да имаат проценки за различни закани од природата, се вели во соопштението.
Секирарски на средбата истакна дека во денешно време е вистинска вештина да се пронајде точен и релевантен извор на податоци и треба да се избере на кој извор ќе му верувате. Пред претседателот Пендаровски истакна дека целта му е неговите патенти да бидат од корист на граѓаните за навремено и точно следење на метеоролошките состојби.
Проектот „Лице в лице со Претседателот“ е инициран во изборната програма на претседателот Пендаровски. Целта е преку посети на населените места во Северна Македонија, претседателот Пендаровски да се сретне со што е можно повеќе граѓани, и одблиску да ги слушне проблемите и предизвиците со кои се соочуваат граѓаните, како и идеите за нивно надминување. сст/скс/