Утрински Весник
Свет

Пелоси повика на бојкот на Зимските олимписки игри во Пекинг

Пелоси повика на бојкот на Зимските олимписки игри во Пекинг

Претседателкaта на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси, во вторникот, 18 мај, повика на американски дипломатски бојкот на Зимските олимписки игри 2022 година во Пекинг и ја критикуваше Кина за кршење на човековите права, пишува „Би-би-си“.

Таа исто така рече дека светските лидери кои ќе присуствуваат на Игрите ќе го изгубат својот морален авторитет.

„Ако шефовите на држави дојдат во Кина за време на геноцидот, навистина се поставува прашањето каков морален авторитет би имале доколку повторно разговараат за човековите права на кое било место во светот“, рече Пелоси.

Независната комисија на Обединетите нации (ООН) во 2018 година извести за најмалку еден милион Ујгури и други муслимани кои се во логори во кинескиот регион Синџијанг. Пекинг ги опишува како центри за обука за борба против екстремизмот и силно ги негира обвинувањата за злоупотреба и геноцид.

Портпаролот на кинеската амбасада, Лиу Пенгиу, за „Ројтерс“ изјави дека обидите на САД да се мешаат во внатрешните работи на Кина во текот на Олимписките игри се осудени на неуспех.

„Се прашувам зошто некои американски политичари мислат дека тие навистина имаат таканаречен морален авторитет. Кога станува збор за прашања за човековите права, тие не се во позиција, ниту историски ниту во моментов, безмилосно да ја критикуваат Кина”, рече Лиу.

Можете да прочитате

На Германија ќе и требаат дополнителни 288.000 странски работници секоја година до 2040

Австралија го забранува пристапот до социјалните мрежи за помлади од 16 години

Путин до Меркел: Ангела, извини, не знаев дека се плашиш од кучиња