Сите училишта во Пекинг од утре ќе бидат затворени како дел од новите рестриктивни мерки за спречување на ширење на коронавирусот.
Кинеската престолнина со 21 милион жители спроведува три рунди масовно тестирање оваа недела, пренесува АП.
Градскиот секретаријат за образование нареди затворање на сите училишта и предавања од утре, без да наведе кога ќе продолжи наставата.
Пекинг денеска пријави 50 нови случаи на коронавирус, од кои два се асимптоматски. Учениците сочинуваат 30 проценти од сите нови инфекции.
На жителите од двете населени места им е наредено да останат дома за да се спречи ширење на заразата.
Пекинг воведува ограничувања побрзо од многу други кинески градови, и покрај фактот што бројот на нови случаи останува низок.