Утрински Весник
Македонија

Пациентката со коронавирус во добра состојба, идентификувани другите патници во комбето

Пациентката со коронавирус во добра состојба, идентификувани другите патници во комбето

 

Скопје, 26 февруари 2020 (МИА) – Пациентката кај која е утврдено присуство на коронавирус е во добра општа состојба и со лесна форма на болеста. Зафатено и е само едно белодробно крило и не е потребна механичка вентилација, ниту која било форма на интензивна терапија. Сместена е во Одделот за интензивна нега и изолација на Клиниката за инфектологија, соопшти вечерва на прес-конференција министерот за здравство, Венко Филипче.

Тој информира дека се идентификувани сите патници кои биле со пациентката во комбето и кои во земјава влегле преку граничниот премин Табановце. Вкупно се девет луѓе, од кои осум патници и еден возач.

– Лицата се идентификувани на две места во Скопје, заедно со роднините на пациентката кои ја пречекале и три во Струмица. Веќе се упатени екипи на епидемиолози заедно со претставаници на МВР да се направи соодветната анкета по утврдениот прашалник за да се дознае со кои лица комуницирале овие патници денеска. Вечерва сите ќе останат во домашна изолација под полициски надзор, а врз основа на податоците ќе се одреди дали ќе продолжи домашната изолација или утре ќе бидат префрлени во претходно одредените инфективни одделенија за надзор. Нема простор за паника, имало и порано епидемии и сега има епидемиски грип. Нема потреба од снабдување залихи, истакна Филипче.

Одговарајќи на новинарско прашање Филипче истакна дека едно лице може да се зарази преку респираторните патишта, додавајќи дека не може да се каже кога болеста е најака, но има можност за пренесување на вирусот од почетокот до нејзиниот крај.

– Може да се зарази преку капки за време на зборување и така се пренесува преку респиратотните патишта. Уште еден начин е со нечисти раце, заради што нема навистина потреба да се носи маска бидејќи при манипулација со маската со овој втор начин може да го зголеми ризикот за пренесување. Маска треба да носи само лице кое знаеме дека е заболено со цел да не је шири, изјави Филипче.

Лекувањето, посочи Филипче, е симптоматски во зависност од манифестациите на болеста.

– Клиничката слика варира од лесна настинка, во зависност од зафаќањето на белите дробови може и потешка форма и најтешката форма е со зависнсот од респираторна машина. Ризик за најлош исход е кај луѓе постари кои имаат претходни заболувања на белите дробови. Околу 80 проценти од досегашните искуства од овие близу 80 илјади заболени во светот се целосно излекувани. Кај 15 има некои компликации, а кај пет има сериозни компликации. Смртноста е некаде околу два проценти. Ова се груби бројки затоа што има многу варијации, истакна Филипче.

Тој најави дека утре претпладне ќе бидат соопштени дополнителни детали. аа/мч/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Кузмановска: Хема – Онко нуди поддршка за лицата заболени од канцер

(Видео) Започнува нова епизода на подкастот Зрак со д-р Марина

Филипче по Конгресот: Одлична енергија, нова сила и ентузијазам!