Утрински Весник
Македонија

Парична казна за гостилницата на „Боемска“ каде беше затекнат Христијан Мицкоски за време на eпидемија

Парична казна за гостилницата на „Боемска“ каде беше затекнат Христијан Мицкоски за време на eпидемија

Скопското основно јавно обвинителство поднесе предлог за изрекување казни против две физички и едно правно лице, гостилница на улицата „Боемска“ во Скопје поради сомнение дека на 3. јуни сториле кривично дело – непостапување според здравствените прописи за време на епидемија.

Како што е познато во јавноста, станува збор за случајот кога лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, беше затекнат во внатрешниот простор на ресторан, во време кога тоа не беше во согласност со здравствените протоколи за превенција од ширење на Ковид-19.

„Обвинетите, на 3. јуни, во периодот од 13:30 до 18 часот, во угостителски објект на улицата ‘Боемска’, не постапиле согласно прописите и наредбите за спречување на ширењето на заразната болест Ковид-19. Првообвинетата, како сопственик и управител-менаџер на обвинетото правно лице, не го организирала процесот на работа на угостителскиот објект согласно Протоколот за отворање и работа на угостителски објекти за исхрана“, објаснуваат од обвинителството.

Второобвинетиот – вработен во правното лице, во наведениот период го отворил за работа внатрешниот, затворен дел на госилницата, каде со храна и пијалоци биле послужувани петмина гости.

„Со овие дејствија обвинетите сториле кривично дело санкционирано во ставот 1 од член 206 од Кривичниот законик, а правното лице – кривично дело предвидено во ставот 2 од истиот член“, стои во соопштението.

Надлежниот јавен обвинител на Основниот кривичен суд во Скопје му предложил за двете физички лица да изрече парични казни од по 2.500 евра, додека за правното лице предложил парична казна во висина од 150.000 денари.

Од обвинителството појаснуваат и дека од кривично-правен аспект, затекнатите гости не подлежат на кривична одговорност.​

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Честитка од ВЛЕН по повод 28 Ноември – Денот на независноста на Албанија

СДСМ: Јаловите напади на ВМРО-ДПМНЕ се доказ за нивната нервоза и страв од промените во СДСМ

Филипче: Започнуваме веднаш со работа, најавувам посета на сите општински организации