Утрински Весник
Македонија

Пановски: Ако утре стаса кинеска вакцина, прв ќе се вакцинирам

Пановски: Ако утре стаса кинеска вакцина, прв ќе се вакцинирам

Министерот за здравство Венко Филипче најави дека се разгледува можноста и за набавка на кинески вакцини, на производителите „Синовак“ и „Синофарм“, иако во меѓувреме, државата не се откажува од фајзеровите вакцини кои треба да се обезбедат преку ковакс механизмот. За кинеските вакцини се размислува по доцнењето на испораката на вакцините на „Фајзер“.

Професорот од Медицинскиот факултет Никола Пановски, вели дека вакцината од „Синофарм“ е класична вакцина произведена од мртов вирус, не е направена со нова технологија. Тој посочува дека детали околу самите вакцини кои со сигурност може да се потврдат ќе се знаат за две-три години.

„Некој лани да ми речеше дека би требало да се вакцинирам со вакцина од Истокот, веројатно ќе беше навреда, а сега излегува дека тоа е добра опција“, вели Пановски додавајќи дека во однос на вакцините можеме да се потпреме и на истокот и земјите како Индија и Кина кои се гиганти.

„На квалитетот на вакцината треба да се гледа како за некој друг бренд. Производите им се рамни на западните, се надевам дека и вакцините се такви, квалитетни. Според ова што го гледаме како се справува западот, не треба источните опции да се отфрлаат. Ако дојде кинеската вакцина утре, јас прв ќе се вакцинирам“ вели Пановски.

Министерот Филипче кажа дека се чекаат детали во однос на договорот, цената и испораката на вакцината од Кина, а најави дека до крајот на неделава ќе се знаат повеќе детали. Засега рокови нема и не се знае кога би пристигнале првите дози. Тој во емисијата „360 степени“ потсети дека повеќе европски земји најавуваат тужби за „Фајзер“ поради неисполнување на договорите, а кажа и дека не би требало да е проблем тоа што кинеските вакцини не се одобрени од Европската агенција за лекови.

„Нема сомнеж во квалитетот на вакцините бидејќи се сосема соодветни документите, сертификатите што сите производители на вакцини ги имаат од своите матични земји. Начинот на кој се евалуираат сите резултати од клиничките студии, процесот на изработка на вакцините, конкретно овие за кои зборуваме, е одлично познат на нашите експерти“, рече Филипче.

Сепак, вели дека земјава не се откажува од планираните дози преку Ковакс-механизмот, за што е најавен состанок в петок на кој треба да се прецизира кога и колкава количина вакцини ќе дојдат во земјите кои аплицираа преку овој механизам. Се чека и одговор на „Фајзер“ во делот на деталите од договорот и дозвола за количините кои треба да пристигнат од Србија.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Меџити тоа што не може да го блокира, го узурпира, реагира Ирена Витина

„Велибор Манев рече дека тука има закопано човек, на едно место покриено со гранки“, сведочат полицајци

Каранфилова-Пановска: Ќе бидам верен соработник во креирањето и спроведувањето на новите политики за промени на СДСМ