Утрински Весник
Македонија

Остануваат истите правила за движењето на земјоделците за време на полициски час 

Остануваат истите правила за движењето на земјоделците за време на полициски час 

Скопје, 16 април 2020 (МИА) – Земјоделците коишто имаат работни обврски на своите земјоделски површини на фармите, а кои се наоѓаат во атарот (место на живеење) на селото во коешто живеат, можат да се движат за време на забраната за движење, исклучиво заради извршување на работните активности без да вадат дозволи за движење, соопштија од Минитерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Од Министерството истакнаа дека за сите земјоделци кои имаат потреба за извршување земјоделски активности за време на Велигденските празници, движењето ќе биде регулирано на ист начин како по претходно утврдените правила.

– Земјоделците чиишто земјоделски површини или фарми се наоѓаат надвор од селото/градот каде што живеат и треба да патуваат од едно во друго село, да сообраќаат по регионален пат, а имаат работни обврски поврзани со производството, задолжително треба да извадат дозвола за движење. Вадењето дозволи за оние земјоделци кои треба да патуваат од местото на живеење до локацијата кадешто им се наоѓа земјоделската површина или фарма, ќе се спроведува како и досега, преку испраќање на податоци до Подрачните единици на МЗШВ. Сите досега издадени дозволи, продолжуваат да важат до крајот на вонредната состојба, посочија од Министерството.

Од МЗШВ наведоа дека земјоделците кои не се евидентирани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства (ЕРЗС), а кои имаат потреба за извршување на земјоделски активности, треба телефонски да ги известат Општинските кризни штабови во местото на живеење каде ќе ја најават потребата од дневна земјоделска активност. Потребата за движење, неевидентираните земјоделците треба да ја најават во Кризните штабови, еден ден однапред најдоцна до 20:00 часот. При тоа треба да дефинираат точно време и место на извршување на земјоделските активности.

– Напоменуваме дека Општинските кризни штабови нема да издаваат дозволи за движење, туку само ќе ги евидентираат земјоделците кои го пријавиле своето барање за непречено движење поради извршување земјоделски активности, а потоа списокот на лица ќе биде доставен до надлежните полициски организациски единици (Одделение, Станица, ОВР, СВР), истакнаа од Министерството.

Од МЗШВ наведоа дека за земјоделците над 67 години, останува да важи забраната за издавање дозволи за движење. За време на Велигденските празници, со Одлука на Владата, за лицата над 67 година има целосна забрана за движење.

– За извршување тековни активности на земјоделски стопанства каде носителот е регистриран земјоделец постар од 67 години, со цел да го заштитиме нивното здравје и да го намалиме ризикот од зараза со Ковид – 19, а сепак да нема прекин во извршувањето на пролетните земјоделски активности, дозвола за движење се издава преку Подрачните едници на МЗШВ, на помлад член од семејството, информираа од Министерството. см/сп/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

ВИДЕО: Евакуација на жителите на Немањици

Едно лице загина во пожарот кај кумановско Кокошиње

МЗ: За два и пол часа во Скопје направени 150 тестирања на црн дроб