Утрински Весник
Свет

Оспособена најголемата антена во Азија, Кинезите ќе следат што се случува на Марс

Оспособена најголемата антена во Азија, Кинезите ќе следат што се случува на Марс

Втората по големина во светот, кинеската мобилна рефлекторска антена, ги помина сите проверки и е подготвена да прими сигнали од леталото што треба да влезе во орбитата на Марс следната недела.

Изградбата на овој радио телескоп, кој е најголем во Азија, започна во 2018 година во северната кинеска провинција Тијанџин, а заврши на време, бидејќи леталото на мисијата „Тјанвен-1“ се приближи до Марс, пренесува „РТС“.

Новата антена има форма на чинија. Се состои од 1.328 панели и има дијаметар од 70 метри. Сепак, таа е 30 метри помала од најголемата подвижна антена на светот лоцирана во САД.

Кина досега користеше три антени со дијаметар од 35 до 50 метри во Пекинг и Кунминг, но тие не беа доволно силни за да обезбедат квалитетен прием на податоци од Марс, кој во моментов е оддалечен 180 милиони километри од Земјата.

Кога Земјата и Марс се наоѓаат на спротивните страни на Сонцето, растојанието на нивните орбити ќе биде околу 400 милиони километри. Со оваа антена Кина ќе може да ги поврзе сите четири телескопи и да ги зголеми нивните можности.

Вселенското летало „Тјанвен-1“ беше лансирано во јули 2020 година, а на гравитационото поле на Марс ќе пристигне на 10 февруари, каде ќе ги изврши потребните маневри за запирање.

Целта на кинеската Национална вселенска агенција е да слета орбитер и ровер на површината на Марс, а доколку слетувањето биде успешно, Кина ќе стане втора земја што успешно управува со возило на Црвената планета.

Кинеските научници на тој начин ќе се вклучат во мисија да бараат знаци од минатата и сегашната состојба на Марс, да ја анализираат неговата почва и атмосфера и да ја мапираат површината.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Два брода со мигранти се превртеа кај Мадагаскар, 25 лица загинаа

Обилни снежни врнежи во Турција – затворени училишта и спасени стотици граѓани

Хамнеи: Смртна казна за израелските лидери, не само апсење