Скопје, 12 февруари 2020 (МИА) – Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи пред утрешното заминување во работна посета на Франција се обрати со видео порака на француски јазик, во кое вели дека тоа треба да стигне до сите граѓани на Франција и сите Французи, насекаде низ светот.
Тој во видеото додава дека заминуваат на историска посета на Париз, во пресрет на европските пролетни самити, кога Република Северна Македонија, очекува одлука за започнување на преговорите со Европската унија.
Османи најавува дека во Париз ќе оствари средби со Амели де Моншален, државен секретар во Министерството за Европа и надворешни работи, задолжена за европски прашања, како и со Клеман Бон, дипломатски советник за Европа на претседателот Емануел Макрон, каде што ќе ги претстави резултатите и подготвеноста на нашата земја за почеток на пристапните преговори со ЕУ.
– По октомврискиот неуспех, се појави и лажен впечаток дека постојат разлики во нашите заеднички интереси, во нашата заедничка цел да обезбедиме посилна, постабилна и пообединета Европа. Денеска, кога пред нас ја имаме новата методологија за преговори, се отстранува и последната пречка за остварување на нашите заеднички цели, посочува Османи во видео пораката.
Тој вели дека утре во Париз очекува да се потврди поддршката на Франција за европската интеграција на Република Северна Македонија, со што ќе се отвори патот за почеток на преговорите со Унијата на идните самити. фф/ац/