Утрински Весник
Македонија

Османи во Бугарија на средби со Борисов и Захариева

Османи во Бугарија на средби со Борисов и Захариева

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска е во работна посета на Бугарија, за време на која се сретна со претседателот на Владата на Република Бугарија, Бојко Борисов и заменик-претседателката на Владата на Република Бугарија за правосудна реформа и министер за надворешни работи, Екатерина Захариева.

Во фокусот на средбата беа билатералните односи меѓу двете држави и напредокот на Република Северна Македонија во процесот на европската интеграција.

„ Ние сме на прагот на реализацијата на нашето заедничко ко-претседавање со Берлинскиот процес, еден од најзначајните регионални иницијативи за економско, инфраструктурно и политичко поврзување на земјите од Западниот Балкан. За само неколку дена почнува серијата Министерски средби за внатрешни работи, за здравство, за економија, кои очекувам да вродат со плод и бидат крунисани со исклучително успешен самит овде во Софија на 10 ноември. Самит кој по самата природа е историски затоа што за прв пат го претседаваат земја – членка на ЕУ, Бугарија, и земја кандидат за членство во ЕУ – Северна Македонија“, истакна Османи.

Двајцата соговорници, потврдувајќи дека европската перспектива е гарант за стабилност и просперитет на Регионот, ги поздравија ангажманите во рамките на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка и вкупната соработка која се реализира меѓу двете држави во сите области од заемен интерес.

„ Ние имаме Договор за пријателство кој нѐ обврзува и на политичка и на експертска соработка. Само преку отворен, искрен и позитивен пристап во соочувањето на историските факти со денешната реалност, ние можеме да ги надминеме разликите и да ги идентификуваме заедничките точки кои нѐ поврзуваат“, посочи Османи.

Посебно беше поздравена соработката меѓу министерствата за одбрана и други безбедносни структури, сега како сојузници во НАТО, што придонесува и претставува додадена вредност за стабилноста на регионот, но и на Европа како целина.

Во однос на работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, упатија задоволство за нивната идна средба на средината од овој месец и ги охрабрија членовите на комисијата, да продолжат посветено со својата работа и да обезбедат соодветни резултати.

Министерот Османи изрази благодарност за севкупниот досегашен ангажман на Бугарија за унапредување на европската агенда на регионот, со тоа и нашиот напредок кон Унијата, со очекување до крајот на годината да се одржи првата Меѓувладина конференција и конечно формално да започнат пристапните преговори на Северна Македонија со Европската унија.

Министрите го разгледаа и напредокот во инфраструктурното поврзување меѓу двете земји и можностите за зголемување на трговската размена, понатамошниот развој на туризмот, како и соработката во здравството, образованието, културата, одбраната, безбедноста и сите други области во кои се бележат резултати.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Алиу: Онколошка амбулантска терапија наскоро ќе има во Тетово, Битола, Штип и ГОБ „8 Септември“

Вработените на Урологија се откажале од субвенции за телефони за да купат клими за болничките соби

Независните со сериозна шанса да му ги поматат сметките на Мицкоски на локалните избори